Хаос во Државната изборна комисија, хакерскиот напад ги одложи резултатите

Шест партии си обезбедија место во новиот Собраниски состав. Според неофицијалните конечни резултати, кои ги објави ДИК, откако беа обработени сите избирачки места, 46 пратеници доби Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, 44 пратенички места Коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, 15 пратеници си обезбеди ДУИ, 12 Алијанса за Албанците и Алтернатива, две пратенички места за Левица и едно за ДПА на Мендух Тачи.

Во првата изборна единица, СДСМ освои 8 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ има 7 , ДУИ 2, исто колку и Алијансата на Албанците и Алтернатива, додека Левица освои едно пратеничко место.

Во втората изборна единица е изедначено. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освоија по 7 мандати, додека ДУИ и Алијансата за Албанците имаат по 3-ца пратеници.

Во третата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ има 10 пратеници, СДСМ 9 и Левица 1 пратеник.

Во четвртата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат по 10 пратеници.
Во петтата изборна единица по 8 пратеници имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, 3-ца пратеници има ДУИ, а Алијансата за Албанците доби еден пратеник.

Во 6-тата изборна единица, најмногу пратеници освои ДУИ – 7, Алијансата за албанците има 6, СДСМ освои 4 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ 2-ца пратеници. Овде и ДПА го освои единственото место во Собранието.

Членовите на Комисијата до доцна попладнето ги разгледувале записниците на Општинските изборни единици, но и ги споредувале со резултатите внесени во апликацијата. Сега течат роковите за проговори.

На 10-тите парламентарни избори гласале 942.334 бирачи со право на глас. Неважечки се 31.466 ливчиња.

Инаку ДИК предизвика револт кај јавноста бидејќи цели 20 часа по гласањето граѓаните никаде не можеда да ги видат резултатите од изборите. Од Комисијата се правдаат дека апликацијата за броење на гласовите работела, но веб страната им била под сајбер напад. Полицијата допрва ќе истражува кој и зошто го хакирал сајтот на ДИК.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста