Хаос среде пандемија – луѓе умираат, мерките се злоупотребуваат

Бројот на заразени со Ковид 19 забрзано расте, болниците се преполни, докторите работат со последни сили, граѓаните се недисциплинирани, а мерките за заштита од вирусот како да нема. Последните случувања, со ноќни забави без протоколи, ја зовреа јавноста. Граѓаните реагираат, бараат Владата итно да ги заостри мерките.

„Да се затворат кафичи, кафеани и кладилници, полициски час да биде од 18 часот“.

„До крајот на месецот ќе има над 20.000 активни случаи. Системот ќе доживее колапс, а со недостатокот на вакцини Македонија е осудена на пропаст“.

„Епидемиолозите нон шалантно се однесуваат и чекаат резултати од вакви несериозни мерки“.

„Се знаеше дека ќе има зголемување на заразени со британскиот сој. Веќе и онака е тешко да се најде кревет во болница. Не дај боже да ви затреба. Министерот и Комисијата да размислат за мерки. Министре вакцини од декември да имавте поинаку ќе беше се, ама сте некадарни“, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Дали и кога ќе има заострување на рестрикциите, од Министерството за здравство само кусо ни одговорија оти не е исклучена можноста.

„Не се исклучува можноста за заистрување на мерките и воведување нови рестрикции. Препораките на Комисијата за заразни болести се согласно анализите на епидемиолозите“, велат од Министерството за здравство.

И премиерот Заев минатата недела најави оти е можно затворање цели денови, па дури и викенди.

„Не се ислучува можноста за затворање цели викенди, цели денови ако не паднат бројките. Од сите нас зависи“, рече Заев.

И додека Европа живее под строги рестрикции, а Србија за викенд ги затвори сите бизниси, освен маркетите и аптеките, во Македонија за сега има само забрана за движење и тоа по 22 часот. А не се почитуваат ниту протоколите за работа на угостителите.

Доказ за тоа се снимките кои кружат по социјалните мрежи, од синоќешните журки каде очигледно младите се забавуваат како да не е пандемија. Државниот инспекторат затвори неколку локали во Скопје.

Интернетот секојдневно е преплавен со фотографии кои сведочат дека мерките не се почитуваат, но тоа како никој од недлежните да не го забележува. Метеж во просторите на МВР, метеж во автобусите на ЈСП…

А во меѓувреме, пациенти со компликации од ковид мака мачат да најдат слободен кревет во болниците. Над 1000 пациенти се хоспитализирани ширум државата, што е за двојно повеќе во споредба со минатиот месец. Поради зголемениот број на пациенти, од викендов вратите за ковид пациенти ги отворија и Клиниките за Гастро, Очно и Уво, нос и грло.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста