Хаос со лекот „Ивермектин“ – го има во поголемите аптеки, во помалите се чува само за познаници

Евтиниот и ефикасен лек Ивермектин влезе во протоколите за лекување на пациентите позитивни на Ковид 19. Но, надлежните предупредуваат оти лекот не е магичен и дека не смее да се зема без препорака од доктор.

„Тој е лек кој што не е магичен за Ковид, но исто и како и сите други лекови има индикација кај одредени групи на пациенти. Затоа е многу важно да се зема по препорака на лекар, дали е тоа матичен или во болничките установи има точно утврдени индикации, моменти кога овој лек во соодветна доза се дава и пациентите треба да го земаат“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Дека лекот покажал позитивни резултати во лекувањето на Ковид позитивни пациенти сведочи и матичната докторка Лилија Чолакова. Таа вели дека нејзин пациент по препорака од специјалист го набавил лекот од соседството и откако почнал да го употребува полесно ја минал болеста.

„Имаме наши пациенти кои што го користат веќе лекот, кои што си го набавиле преку пријатели. Десет до петнаесет евра е во Грција, се купува на слободна рецепта. Имаме одлични резултати, нашите пациенти се добри, секој ден ги слушаме. Се надевам дека со овој лек, помалку лекови ќе препишуваме и побрзо ќе излеземе од оваа криза“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишова.

Во светот веќе подолго време пациенти позитивни на корона вирусот се лекуваат со овој ефтин лек. 76 – годишниот Пит Елис од Бразил, вели оти за Ивермектинот дознал од негова пријателка, а почнал да го пие превентивно кога неговата сопруга развила први симптоми на болеста.

„Мари и покрај тоа што беше позитивна добро се справуваше со вирусот. Веќе помина еден месец откако Мари ги доби првите симптоми и откако го употребувавме лекот и јас се уште се чувствувам добро. За жал има многу мал публицитет на светско ниво за она што јас го нарекувам магичен лек“, вели бразилецот Пит Елис.

Лекот Ивермектин од вчера се продава во дел од аптеките во Македонија. Но граѓаните кои добија рецепт од матичните доктори имаа проблем да го набават. Алфа од извори во фармацефтската фела дознава дека лекот може да се купи во поголемите продажни мест од еден познат ланец аптеки бидејќи таму биле доставени поголеми количини. Во помалите аптеки, лекот се чувал само за познаници, велат нашите извори.

Од следната недела, „Ивермектинот“ ќе биде достапен за продажба кај повеќето аптеки. Тој се продава само на лекарски рецепт по цена од 300 денари.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста