Хаос пред вакциналниот пункт во Штип

Хаос пред вакциналниот пункт во Штип. Стотина граѓани утринава дојдоа да се имунизират откако вчера попладне низ Штип се рашири веста дека против Ковид 19 може да се вакцинира секој, без претходно да добие задолжителна порака за време и место. Имаше и такви кои воопшто не се пријавени. Граѓаните нервозно чекаа во колона, а со полиција се регулираше влегувањето во дворот на спортскиот центар Јордан Мијалков.

„Немам закажано, така дојдов. Ни кажаа дека секој може да се вакцинира и затоа дојдовме. Не сум пријавена„-вели штипјанка која утринава чекаше во колона за да може да се вакцинира.

„Јас сум пријавен,но немам закажано термин. Да си ја пробам среќата! Ако успеам да се вакцинирам арно, ако не да сме живи и здрави„-вели друг жител на Штип

„ Имам закажано, но пред два месеци. Сношти ми рекоа дека може да се вакцинирам, не требало термин. Дојдов да видам дали ќе успеам„– вели друг граѓанин

Недоразбирањето настана откако вчера дел од штипјани кои иако не се опфатени со старосната граница, успеале да се вакцинират. Од штипскиот Здравствен дом појаснуваат дека тоа се граѓани вработени во критичната инфраструктура и се пријавени од своите претпоставени. Од Здравствениот дом„ Панче Караѓозов„ со апел, во вакциналниот пункт граѓаните да доаѓаат само доколку добијат смс порака.

„Старосната граница сега е спуштена на 68години. Ги замолуваме матичните лекари да не им кажуваат на пациентите дека ќе бидат вакцинирани доколку дојдат овде. Мора да се стави ред бидејќи на овој начин граѓаните се изложуваат на ризик овде да заболат„– изјави д-р Дијана Коцева Миланова.

Во текот на вчерашниот ден ниту едно лице кое не е регистрирано во системот не е вакцинирано, посочуваат надлежните.

Вакциналниот пункт во Штип со работа почна во вторник и заклучно со вчерашниот ден се вакцинирани околу 1500жители од југоисточниот дел на државата. Предвидено е дневно да се имунизираат по 1200граѓани.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста