Хаос на турско-грчката граница продолжува, полицијата веќе не може да ги спречи мигрантите

Фронтекс предупредува дека Европските граници ќе бидат под страшен притисок на мигрантската навалица која доаѓа од Турција. Грција и Бугарија со војска ќе се обидат да ги спречат мигрантите да влезат на нивна територија, но нашите власти засега не гледаат причина за вознемирување.

Според техничкиот премиер Оливер Спасовски државните институции се подготвени за справување со евентуалниот бран на бегалци и мигранти. Вели, засега состојбата е мирна и се следи внимателно.

„Системот функционира. Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за одбрана. Армијата, сите заедно сме насочени ,максимално посветено во однос со справувањето на евентуален зголемен број на мигранти“, изјави Спасовски.

Додека кај нас надлежните смируваат, се потензична станува состојбата на турско-грчката граница. Стотици мигранти се обидуваат да ја поминат границата, при што доаѓа и до судири со грчките сили.

Вчера Грција од Фронтекс побара дополнителна помош, по што Европската агенција упати засилување на грчкоиот дел од границата. Утринава Ројтерс објави за убиен сириски мигрант од страна на грчките војници, за подоцна Грција да ја демантира и да ја нарече лажна вест оваа информација.

Во интерниот извештај на Европската агенција за заштита на границите се наведува дека се очекува масовна миграција од Турција кон Европа, која ќе ги стави на тест сите европски институции.

Инаку, вчера во близина на штипската приградска населба Три Чешми во камион беа откриени 78 мигранти. Од полицијата се уште не откриваат детали околу случајот ниту пак кажуваат каде мигрантите се сместени.

Патот–Струмица-Радовиш-Штип е дел од рутата по која стандардно се движат мигрантите. Токму на овој патен правец пред една година беше откриена организирана дваесет члена група која преку таканареченаа зелена граница шверцуваше мигранти. Меѓу нив беше и поранешен началник на СВР-ШТИП.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста