Хаос и неизвесност на само 15 дена пред стартот, ќе почне ли учебната година од 1 Септември?

Продолжува неизвесноста околу стартот на учебната година. На две недели до 1 Септември, и наставниците и родителите без конкретни информации, дали децата ќе седнат во училишните клупи или ќе учат од дома? Наставници се жалат оти надлежните се уште не ги информирале дали школите ќе се отворат на први септември и според какви протоколи ќе се работи. Наставникот Гоце Бумбароски е дециден – секое одложување на учебната година негативно ќе влијае врз образовниот процес.

„Пет месеци беа доволно долг период за да Министерството ни спреми некоја платформа и да има некоја насока како би започнале со наставата од 1 Септември. Сметам дека сега е краток периодот за да правиме импровизации иако сметам дека дел од колегите наставници добро си ја извршуваа обврската со онлајн настава“, вели Бумбароски.

Според Бумбароски, погрешно е да се носат унифицирани политички одлуки, бидејќи сите училишта се различни и различно се справуваат со последиците од корона вирусот. Смета дека одлуките за начинот на учење требаше да ја донесат самите училишта, родителите и професорите, а не властите.

„Идеално решение не постои. Јас дадов едно решение да не се генерализира стартот на учебната година, односно да не се ставаат сите во ист кош, затоа што немаме сите исти стратни позиции. Јас имам одделение со 24 ученици, некој колега има одделение со 8 ученици. И зошто тој колега со осум ученици да не си држи редовна настава, затоа што тој би имал реално подобри услови од мене за да ја изведува наставата со физичко присуство“, вели тој.

Во меѓувреме, Комисијата за заразни болести пресече – учениците до трето одделение ќе посетуваат редовна настава, а сите други одделенија ќе учат онлајн. Од ова исклучок ќе има за училиштата од помалите градови и рурални средини каде има мал број на ученици по паралелки. Тие наставата да ја организираат со присуство во училниците ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

МОН допрва ќе ги прави списоците на училиштата каде има услови за учење со физичко присуство. Потоа протоколите ќе се усогласуваат со Комисијата за заразни болести, а Владата најверојатно следната недела ќе ги има конечните одлуки на маса.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста