Густа магла и огромна загаденост во Скопје, откажани летови од скопскиот аеродром

Густата магла која го покри главниот град предизвика проблеми во авио сообраќајот. Утринава се откажани неколку летови од Меѓународниот аеродром Скопје. Откажани се полетувањата за Виена, Загреб и Истанбул. Од скопскиот аеродром полетале само авионите до Гетеборг, Малме и Лондон. Откажани биле и слетувањата на два авиони од Виена и еден од Истанбул утрово. И вчера попладне и ноќеска поради магла и намалена видливост повеќе летови беа откажани или пренасочени кон други аеродроми. Поради магла намалена видливост од 50 – 100 метри има кај Тетово и Штип.

Синоќа во Скопје видливоста беше помала од 10 метри, густата магла која го покри градот ја зголеми концентрацијата на загадувањето на воздухот. Скопје и денеска е меѓу првите 10 најзагадени светски градови. Нивото на ПМ10 честичките во возухот е неколкупати над дозволената граница.

Позагадени од нашиот главен град се единствено градовите Лахор во Пакистан, Калкута и Делхи во Индија и Дака во Бангладеш. Мерните станици синоќа покажуваа дека ПМ-10 честичките во Скопје се многу повисоки над дозволената граница – кај Ректоратот беа измерени 228 милиграми на метар кубен ПМ-10, во Центар 176, а во Бутел 128 ПМ-10.

Реагираат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат дека владата и ресорниот заменик министер за животна средина, Јани Макрадули се кријат, иако пред изборите ветуваа и го лажеа народот.

-Токму Макрадули и денес се уште го лаже народот со програми против загадувањето, но во реалноста не се случува ништо. Нема проекти, се кратат средства и ништо не се прави со аерозагадувањето кое од ден на ден е се поголемо. Парите се трошат ненаменски и без никаков ефект. Во последните три години, според Државниот завод за статистика, во Буџетот на Република Македонија се слеале околу половина милијарда евра од даноци поврзани со животната средина. Од тие средства Владата на СДСМ издвојува само 1,6 милиони евра за загадувањето на воздухот, а згора на тоа бара уште пари од донации.-изјави Маја Славева-ВМРО-ДПМНЕ.

Состојбата ни денеска не е подобра, бројките од мерните станици и денеска се загрижувачко високи, барем на оние мерни станици кои работат. Мерните станици во Лисиче и Гази Баба се надвор од функција веќе подолг период.

Освен главниот град високи ПМ честички има во Струмица, Битола, Тетово и Гостивар, а за нијанса помало загадување има во Куманово, Кичево, Кавадарци, Кочани.

Властите освен препораки годинава не преземаат никакви конкретни мерки мерки.. На проблемот со енормното загадување на воздухот се реагира само сезонски, но очигледно ваквиот пристап не дава резултати.