Групи од дрвокрадци продожуваат да ги пустошат шумите во околината на Прилеп

       Добро организирани групи, опремени со соодветни превозни средства и алат, продолжуваат безмилосно да ги пустошат шумите во околината на Прилеп. Ова, на очиглед и на јавноста, а и на жителите кои имаат куќи или викендици во населените места кои се на удар на дрвокрадците. Според нивните сведочења, дрвокрадците не ја соголуваат само државната шума, туку и приватните забели. Полицијата, неделава успеала да фати две групи кои биле затекнати во дрвокрадство во месностите: „Песјобарци“, Пештерица и во Дата Центарот, како и во атарот на селото Ореовоец. Од СВР Битола информираат дека се работи за две групи од по тројца прилепски дрвокрадци и еден 16-годишник од Битола, кој делувал сам. Дрваната маса во вкупна количина од неполни 9 метри кубни им била одземена и била предадена на Шумската полиција, а петте запрежни коли со кои се превезувале нелегално исечените огревни дрва, биле запленети. Од Полицијата велат дека против лицата по документирање на настанот ќе била поднесена соодветна пријава. И толку.

  Во меѓувреме, на ваквите појави кои добиваат се’ позагрижувачки размери, особено по поскапувањето на струјата, јавно реагираат и се’ поголем број граѓани. Велат не се задоволни од пасивноста и толеранцијата на Полицијата, а за што Алфа алармираше уште пред еден месец со пустошот што се прави во дабничко. 

   „Цела земја ја уништија. Во Шумско отидов пред седум – осум години, се жалав, ми рекоа – во приватното ние не фаќаме…“ – вознемирено објаснува Василе Трајкоски. (15.02.2022)

  „Последната кражба беше најтешка, да се исечат толку дрва и дојде инспекторчето, не знај, а едно дрво можеби вреди колку сите овие буриња. Драва од бадеми, од ореви, од цреши, од сливи..Кога се украде тоа, ни се отсекоа нозете“, – кажа Драган Трајкоски од Дабница (15.02.2022)

   И додека дивата сеча непречено си ја спроведуваат дрвокрадците, легални огревни дрва има се’ помалку, за што, минатата недела реагираа и битолските пензионери кои не успеаа да се обезбедат со дрва за идната грејна сезона..

  Шумската полиција пак, со години укажува дека има сериозни проблеми со недостигот и од човечки, и од техничко-материјални ресурси за да може успешно да се справува со дрвокрадците, чиј број пак, станува се’ поголем и чие однесување е се’ поагресовно во „пресметката“ со шумските полицајци и кои неретко завршуваат дури и со сериозни повреди.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста