Груевски: Ова е политички прогон – го повикувам Обинителството јавно да ги објави доказите против мене

По синоќешните апсења и притвори за поранешните функционери на ВМРО – ДПМНЕ, се огласи и поранешниот премиер и екс-претседател на партијата, Никола Груевски.
Тој, преку својот Фејсбук профил порача дека се работи за политички прогон, негираше дека има каква било поврзаност со делото за кое го товарат и го повика Основното Јавно Обвинителство да ги објави наводните докази против него.

„По којзнае кој пат ќе повторам.
Ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена.
Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене.
Да ги видиме материјалните докази или какви и да има докази, па макар и некој лажен, нерелевантен или уценет сведок или загрозен осомничен или обвинет во некој случај.
Многу би сакал да ги видам доказите за нешто што не само што не сум го сторил, туку гледајќи како власта го иритира народот, сум стравувал некој друг во такви околности да не го стори тоа, а целата вина и целата негатива да падне на грбот на ВМРО и нејзините членови и функционери“, пишува Груевски.
„Сакам јавно да слушнам како тоа од позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум можел да влијаам на министерот Нухиу (кого мислам дека не го ни запознав лично а како министер бил прв одговорен за редот и мирот во земјата во која главен настан беа протестите и тензиите во и пред парламентот), или на било кој друг функционер од МВР, во правец како што пишува во соопштението на ОЈО да се намалеле полициските сили пред Парламентот.
Го повикувам ОЈО да ги презентира наводните докази против мене пред цел народ, пред цела јавност. Докази за нешто што не е сторено“, пишува Груевски.

„Ајде, не купувајте време, не се вадете на флоскули од типот ,,истрагата е во тек,, или ,,од истрагата ќе произлезе…,, или ,,истрагата е тајна…,, и слични празни флоскули. Ова не е обичен случај, туку случај кој го следи целокупната домашна и меѓународна јавност и не може наводните докази да бидат само во вашите фиоки. Кога знаете после скоро две години од настан за кој непрекинато се зборува во јавноста и за кој дел од осомничените ги каневте на распит, што значи знаеја дека се опфатени во предистрага, да ги притворате за да не влијаеле на сведоци или да не избегале, како божем досега во цели две години да не можеле, тогаш треба јавно да ги покажете и доказите“, вели Груевски.

„За мене знам дека ги немате. А верувам дека и за останатите немате нешто што може да се нарече доказ. Ако е доволно некој да го обвинете само затоа што подржувал мирни протести, тогаш имате причина да ги уапсите сите политичари во земјата, бидејќи сите некогаш подржувале некои мирни протести, но и речиси цел народ бидејќи најголем дел од народот во различни времиња или околности подржувале некои мирни протести за една или друга работа. Но, ако обвинувате некого за организирање упад во парламентот и физичка пресметка на пратеници и уште тоа го нарекувате тероризам и барате казна од најмалку 10 години затвор, тогаш за тоа се потребни цврсти, недвосмислени и силни докази и секако нивно јавно презентирање“, пишува меѓу другото Груевски на својот Фејсбук профил.