Груби ги повика сите пратеници кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ да дојдат во владата

Ќе донесе ли стартот на новата недела и ново прегрупирање во законодавниот дом? Медиумите на албански јазик откриваат дека власта врши нови притисоци врз уште еден пратеник на БЕСА кој би се присоединил на мнозинството. Партијата која до пред локалните избори беше во коалиција со СДСМ и ДУИ му сврте грб на премиерот Зоран Заев откако беа изнесени информации дека вршат притисоци за глас повеќе во Парламентот што ќе значи и опстанок на власт. 

Во меѓувреме највисоките партиски органи на БЕСА одлучиле дека остануваат обединети во борбата против актуелната власт. Сепак алармираат дека владата која во моментов нема легитимитет врши притисоци и врз останатите пратеници на Движењето.

„Апелираме до актуелната власт СДСМ-ДУИ итно да престане со притисоците со сите можни форми што се вршат врз пратениците на Движењето БЕСА. За ова прашање ја информиравме и меѓународната заедница во оваа земја. Дејствијата за нарушување на професионалниот интегритет на пратениците и притисокот што се врши врз нив е уште еден доказ дека демократијата и слободното политичко дејствување во Македонија се ставаат во опасност“, се вели во соопштението на Движењето Беса.

Иако се уште не потврдил како ќе делува се поизвесно е дека Кастриот Реџепи ќе прејде на страната на СДСМ и ДУИ, бидејќи веќе доби црвен картон од матичната партија БЕСА по неговото не појавување во Собранието и турбулентниот ден со иницијативата за гласање доверба на владата на Заев.

Премиерот Заев и денеска не се појавува во јавност, ама затоа вицепремиерот  Артан Груби не гледа политичка криза, владата била стабилна. Најавува дека мнозинството ќе го зголемеле со сите пратеници од албанскиот блок кој биле на страната на европската агенда. Сепак наместо да одговори на обвинувањата дека ДУИ и СДСМ вршат притисоци врз пратениците, Груби ја обвинува БЕСА дека им се заканува на своите пратеници да не ја подржат владата.

А дека неизвесноста за опстанокот на Владата е главна тема низ Собранието навестува и шефот на државата Стево Пендаровски. Во одговор за Алфа од неговиот кабинет потврдија дека претседателот е подготвен и на лидерска средба за излез од кризата ако за тоа има согласност и од власта и од опозицијата. Сепак не ја изклучува и опцијата за распуштање на Парламентот доколку се соберат 61 пратеник.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска обвинуваат дека за да не му падне Владата, Зоран Заев ја киднапирал и неговата партија, но и пратеник од друга партија за да не влезе да гласа против неговата Влада. Бараат да ја поднесе оставката и да одговара за како што велат сторените криминали.

-Ако го погледневте лицето на Зоран Заев од Собрание, ќе сфатевте дека тој е уценет и киднапиран човек од своите криминални пориви, плашејќи се да не одговара за сето она што го правел, да не заглави во затвор и мораше да ја киднапира и целата негова партија и да киднапира пратеник од друга партија. Да веруваше Заев во своите пратеници ќе ги пуштеше да влезат внатре и да гласаат. А, не сега да ги пушта по телевизии да го бранат за да не понесе одговорност и да не си даде оставка, вели Арсовски.

Се уште е неизвесно како ќе функционира Собранието без јасно утврдено мнозинство, особено што пред пратениците од утре на дневен ред е ставена и расправата за Буџетот.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста