Грипот зема залет – 55 пациенти се хоспитализирани само на скопските клиники

По смртта на 13 годишното девојче уште две лица со компликации од грип се борат за живот на Инфективната клиника. На скопските клиники се хоспитализирани вкупно 55 пациенти меѓу кои и деца. Тројца од седумнаесет пациенти на Клиниката за детски болести се во сериозна состојба, додека 14-мина други пациенти се под надзор на медицински тимови.

“Седумнаесет пациенти со симптоми на грип се хоспитализирани на Универзитетската клиника за детски болести. Не се сите пациенти со компликации. Имаше две деца хоспитализирани со потешка форма на бронхопневмонија од компликации од грип. Понекогаш децата имаат болки во зглобовите, во мускулите, во коските, а едно дете е со докажан енцефалит” кажа денеска директорката на Клиниката, Наташа Најдановска Алулоска.

Во врска со смртта на 13 годишно девојче од Скопје лекарите велат дека од раѓање имала тешки хронични заболувања, а вирусот дополнително и ја влошил здравствената состојба.

“Почина со пневмонија како компликација од грип. Детето беше долги години пациент на Клиниката, а со грип беше лекувано два дена“, изјави  д-р Најдановска Алулоска.

Во Институтот за јавно здравје минатата недела се регистрирани 3.600 заболени, што е најмногу за една седмица. Според епидемиолозите вирусот најмногу се шири во училиштата, а оваа сезона во земјава официјално се регистрирани над 10.700 заболени од грип. Минатата година поради компликации од ова сезонско заболување починаа 30-тина лица.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста