Девојче на 14 години е првата жртва на грип во Македонија

14- годишно девојче е првата жртва на грипот од кој во изминатата недела се регистрирани повеќе од 3. 000 заболени. Девојчето вчера починало на Клиниката за детски болести како последица од компликации од грипот. Епидемиологот  Гордана Кузмановска, напомена дека малолетничката боледувала и од друга хронична болест.

„Во текот на изминатата недела немавме смртни случаи мејѓутоа вчера добивме известување декаимало смртен исход кај едно 14 годишно дете кое што имало претходно хронична болест“, изјави д-р Гордана Кузмановска.

Од овој грип најчесто заболуваат малите деца, потоа лица со хронични заболувања, но не е ретка и кај повозрасни лица. Изминатата недела во државава биле регистрирани 3.614 заболени од грип што е зголемување за 27,9 проценти споредено со неделата пред неа кога биле регистрирани 2.825 заболени.

На прашањето зошто мерката за прекин на учебната настава не е применета од здравствените Власти излегоа со неконкретен одговор.

„Затворање на училиштата е една од мерките која е предвидена и е на располагање меѓутоа за сега не е донесена таква одлука“, рече д-р Кузманова.

Основна препорака до родителите, е да се работи на зајакнување на имунитетот на дечињата, преку збогатување на исхраната со минерали и витамини, како и со многу течности, а дозволено е да се употребуваат и имуностимулатори и имуномодулатори, кои ќе помогнат во зацврстување на организмот, како и за негова подобра одбрана и борба против вирусот.

Вкупната бројка на заболени од почетокот на годинава достигна 10.700 лица.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста