Грипот ги зеде и првите жртви во Македонија

За два дена – две жртви. Грипот зема замав и во Македонија. 25 годишна девојка од Охрид почина на КАРИЛ поради компликации од свински грип. Претходно, на Детската клиника почина петгодишно девојче кое било во тешка состојба.
-Двата случаи се со коморбидитет. За детето утврдивме дека имало астма а девојката на КАРИЛ што почина била со Даунов синдром. Починале поради тешко оштетување на белите дробови и црниот дроб. Има доволно терапија на Клиниките, вели Караџовски.

Епидемиолозите стравуваат дека бројот на починати може да расте бидејќи, состојбата со грип веќе станува алармантна. За седмица има регистрирано над 1700 болни, што е речиси трипати повеќе споредено со претходната недела.
-Во лабораторијата на ИЈЗ најмногу потврдени случаи има од АХ1Н1, односно свински грип…Очекуваме бројот на заболени да расте како и во цела средна Европа и тоа од типот Х1Н1, вели епидемиологот од ИЈЗ, Жарко Караџовски.

Од последните регистрирани 1752 заболени, повеќе од илјада се од Тетово и Гостивар. Во регионот грипот „коси“. Во Романија како последица од грип досега починале 92 лица. Само за една недела во Грција починаа дваесет лица со што црниот биланс се искачи на 38. Смртни случаи има и во Република Српска, Хрватска и Црна Гора.

Сања Трајковска Ставров