Грција оди во целосен „lockdown“, Италија и Кипар полициски час, нов карантин во Британија

Грција од денеска со нови мерки за справување со епидемијата на коронa вирусот. Грција во сабота влегува во тринеделен национален карантин, со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

„Уште еднаш решив да преземам драстични мерки, затоа што подобро порано отколку покасно“, изјави премиерот Кирјакос Мицотакис.

Согласно новите рестриктивни мерки, се затвораат сите продавници освен супермаркети и аптеки, се забранува патувањето меѓу регионите, а граѓаните за излегување од дома ќе мора да испратат порака на посебен владин телефонски број. Градинките и основните училишта продолжуваат со работа, додека средните училишта се префрлуваат на онлајн настава.

Во Албанија ковид-19 ги затвори судовите во градовите Круја и Драч, а до следниот четврток е затворен и судот во Тирана.Ширењето на заразата ги затвори и детските градинки во неколку градови, заразени лица има и во општинските администрации, во наставниот кадар во училиштата, па дури и во владата и парламентот.

Идентична е ситуацијата и во Србија. Моментната епидемиолошка состојба во Србија е заканувачка, поради што е потребна пообемна контрола на употребата на заштитни мерки, истакна денеска директорката на српскиот Институт за јавно здравје, Верица Јовановиќ. Таа потсети дека вчера, од околу 12.000 тестирани лица, повеќе од 2.400 имале позитивен тест за присуство на новиот коронавирус, што, според неа, е висок процент.

Коронавирусот сега најбрзо се шири во Европа со повеќе од 11 милиони случаи, од кои половина се во Русија, Франција, Шпанија и Велика Британија.

Во надеж дека ќе го спречат брзото ширење на Ковид-19, после Ирска и Франција,  британските власти од денеска воведуваат нов карантин за 56 милиони жители, додека пак Италија и Кипар се подготвуваат за полициски час.

Продавниците ќе мора да се затворат, освен неопходните, а угостителските објекти ќе можат да вршат само испорака. Училиштата остануваат отворени. За да ја смири загриженоста на граѓаните, британскиот премиер Борис Џонсон вети дека карантинот ќе заврши на 2 декември. Велика Британија е земја со најмногу жртви од Ковис-19 во Европа и има 48.000 смртни случаи.

На глобално ниво, пандемијата уби најмалку 1,2 милиони луѓе, а САД сè уште се на првото место, со 233.650 смртни случаи. САД се наоѓа на врвот и по бројот на новодијагностицирани – повеќе од 100 илјади заразени за 24 часа.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста