Грција размислува да ги крене рампите за македонските државјани

Ќе дозволи ли Грција влез за македонските државјани? Извори од Владата за Алфа велат дека разговори на оваа тема со грчките власти имало и оти чекаат Владата во Грција да донесе одлука дали ќе ги крене рампите за влез во земјата, но само за оние патници кои ќе покажат негативен ПЦР тест.

Информацијата дека е можно Грција да се отвори за соседните земји вчера ја објави портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас. Тој на брифинг со новинарите рече дека се разговарало за границите со соседите, пред се за Македонија и за Албанија.

Инаку, претходната одлука, која значи забранет влез за државјаните на Македонија, беше донесена на 15 јули, а истекува денеска на полноќ. Сепак, не е исклучена можноста, ваквата одлука да биде продолжена за две седмици.

Во меѓувреме, Советот на ЕУ објави ажуриран список на трети земји чии граѓани имаат право да патуваат во ЕУ од 1 август, во кој повторно не е вклучена ниту една земја од Западен Балкан, вклучително и Македонија.

Инаку, Бугарија во вторникот ги отвори границите за македонските граѓани, но за влез во земјата потребен е негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. За сега, Македонците непречено може да патуваат во Србија и Албанија. За влез во Косово потребен е негативен тест за корона, мерка која косовските власти ја воведоа како реципрочна на онаа што ја донесоа властите во земјава.

Б.Б.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста