Грчкиот Парламент пред гласање за „Договорот од Преспа” – закажани масовни протести

Вечерва ќе се ратификува Преспанскиот договор – Ципрас брои мнозинство, а опозицијата ќе го одолговлекува гласањето. Расправата меѓу пратениците започна откако вчера 16 часа жестоко се дебатираше и се обвинуваше Грчката влада. Опозициската Нова Демократија најави дека сите нејзини членови пријавени за збор ќе се обратат и нема да се повлечат. Овој чекор се толкува како одолговлекување на гласањето со тоа што ќе се покаже дека Владата има тешка опозиција.

Вкупно 205 пратеници се пријавени – меѓу нив не спаѓаат министрите и лидерите на партиите кои можат да излезат на говорницата кога ќе одлучат и да зборуваат по еден час. Во исчекување се обраќањата на премиерот Ципрас и опозиционерот Мицотакис. Вчера Нова Демократија ја повлече одлуката да го цензурира процесот и да бара гласање за недоверба на Владата.

Ќе зборува и поранешниот премиер на Грција, Андонис Самарас кој е голем противник на преговорите и Преспанскиот договор. Според најавите седницата може да заврши дури на полноќ или во раните утрински часови.

Писмо со критики за ратификација на Договорот во време на политички поделби, стигна и од екс премиерот Костас Караманлис.

  • Владата треба да ја почитува сензитивноста на моментот и да ги послуша легитимните интереси на огромното мнозинство на граѓани и да се раководи според основниот национален консензус. Не е дозволено националните прашања од ваква голема важност да доведат до клима на политички поделби, соопшти Караманлис.

Во меѓувреме екс министерот за одбрана Каменос денеска цел ден објавува видео спотови, како театар за јавноста. Во едно од видеата го прикажува Константинос Караманлис основачот на Нова демократија а на другото видео премиерот Заев.

Протести вечерва се очекуваат во Атина, Солун и Лариса. Членовите на Комунистичката партија на Грција ставија на Акропол две паноа со порака против Преспанскиот договор.