Граничниот премин „Евзони“ со дигнати рампи – но денеска речиси празен

Граничниот премин Евзони со дигнати рампи ама е речиси празен. Сонцето се сокри на првиот викенд откако Грција ги отвори границите за странските државјани, но дали тоа е причината за слабиот интерес за посета на нашиот јужен сосед или се работи за нешто друго причините се непознати. И малиот број на премини од изутрината го покажуваат тоа , до пладне околу 500 граѓани ја напуштиле Македонија.

Ако ги нема викенд туристите, тука беа сопствениците на камп приколки… имаше и такви кои беа дојдени на неколку денови одмор. Велат со нетрпение го чекале овој ден, особено оние кои во Грција имаат свои имоти.

Малиот број на граѓани од Србија и Македонија кои денеска одлучија да влезат во Грција границата ја поминуваа со вакцинален сертификат…имаше и такви кои имаа негативен ПЦР тест. Велат дека ги знаат протоколите и ги имаат потребните документи. 

Инаку , за оние кои решиле да отпатуваат во Грција потребно е да имаат негативен ПЦР тест не постар од три дена, сертификат за  втора доза на вакцина, примена најмалку пред 14 дена, потврда за прележан ковид и најава на сајтот www.travel.gov.gr – 24 часа пред патувањето. За децата помали од пет години, нема да биде потребен ПЦР тест. Од грчкото МНР велат и дека врз основа на соодветен алгоритам, можно е патниците да бидат подложени на брз тест на граничниот премин и овие лица ќе останaт на граничниот премин сè до издавањето на резултатот од тестот.Овие протоколи ќе се применуваат до 24-ти мај.

Покрај Грција, македонските државјани со речиси исти пртоколи ќе можат да пауваат во Хрватска но и во Бугарија. Граѓаните од третите земји во Хрватска ќе можат да влезат со потврда за уплатено сместување во хотел, камп или приватно, но ќе морат да покажат и негативен ПЦР тест или брз антиген не постар од 48 часа. Пропусница ќе биде и потврда дека лицето прележало ковид најмногу пред шест месеци, или е целосно вакцинирано најмалку 14 дена пред пристигнувањето на границата. Негативен ПЦР, потврда за ревакцинација или доказ за прележан Ковид не постар од 180 дена е потребна и за влез во Бугарија.Турција од 16 мај без ПЦР тест ќе ја отвори границата за некои земји, но не и за Македонија. Македонските туристи единствено без услови добредојдени се само во Албанија, БИХ и Црна Гора.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста