Граѓанските организации побараа итно да се стави крај на увозот на отровен отпад за горење

Да се стави крај на увозот на отровен отпад за горење, побараа граѓанските организации на денешниот протест пред Собранието, организиран од здружението „Петоци за иднината“. Без организирани говори, со музика и пароли, го блокираа сообраќајот пред Собранието, седнувајќи на асфалтот во знак на револт. побараат од пратениците веднаш да се изгласа законот за отпад.

– Македонија нема капацитети, лаборатории и механизми за соодветно и неопходно испитување на отпадот што влегува во државата заради согорување. Токму затоа, бараме мораториум на увозот на отпад додека државата не оспособи лаборатории кои ќе ги испитуваат евентуалните отрови што ги содржи увезеното ѓубре. Притоа ги повикуваме пратениците да ги изгласаат предложените законски измени за увозот на отпад пред Собранието да биде распуштено, велат од „Петоци за иднината“.

Нема да дозволам државата да стане депонија, имаме доволно наше ѓубре со кое треба да се справиме, рече министерот за екологија. Тој заедно со првиот човек на Царината најавија контрола во однос на отпадот кој се увезува во земјата.

– Работиме на изработка на листи за сите издадени дозволи за извоз и увоз и оној кој транзитира низ нашата земја, кој транспарентно ќе го презентираме. Ќе работиме со Царина и завод за статистика и транспаренто ќе го презентираме. Царинската управа веќе направи контрола РДФ отпадот кој пред неколку дена стигна на граничниот премин Богородица и примероците се испратија до акредитирана лабораторија. Во однос на големиот степен на загриженост за увоз на опасен отпад сакам да кажам дека дозволи за ваков вид отпад се дадени само за акумулатори, кои се третираат односно се рециклираат од компании кои имаат дозвола да го работат ова, рече министерот Нуредини.

Поддршка за активистите за чист воздух стаса и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Се огласија и од влата, но не од улица, туку од Собранието. Рекоа дека ги поддржуваат младите активисти, но за носење на законот требало уште малку да се почека и да се направат дополнителни консултации.

Во меѓувреме камионите со пратката со РДФ отпадот чека на граничниот премин Богородица, каде ќе остане најмалку 7 дена додека не заврши анализата во Естонија, па да се види дали отпадот ќе го продолжи патот кон печките на УСЈЕ, каде активистите најавија нов протест за 5 февруари точно на пладне.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста