Граѓаните останаа без одговор кога и како ќе се аплицира за ваучери и картички

Граѓаните биле нетрпеливи што чекаат пари за колку толку да си ја олеснат финансиската состојба. Ако се надеваа на подетални информации, останаа разочарани. Од Владата не соопштија кога и како граѓаните ќе можат да поднесат барања за ваучери и платежни картички. Надлежните ги повикуваат да аплицираат, но се уште нема Уредба. Уверуваат дека таа ќе биде донесена до крајот на следната недела. Министерката за финансии вели дека процесот немало да биде компликуван и дека од податоците во системот на Управата за јавни приходи можело да се направи листа на оние што ги исполнуваат условите. Граѓаните треба да ги добијат ваучерите и картичките во периодот јуни – јули.

Компаниите од 3-те најпогодени сектори, земјоделците, занаетчиите, побараа да продолжат субвенциите на бруто плати и од јуни натаму, односно да не важат само за април и мај. На нивните барања, Ангеловска одговори дека мерките требало да се креираат согласно потребите на стопанството. За потсетување, нив ги нема во третиот пакет мерки. Министерката за финансии е задоволна од мерката за државна помош за исплата на плати од 14.500 денари по работник и покрај тоа што аплицираа скоро 22 илјади компании од очекуваните 35 илјади. Задоволна е што на работа се вратија 500 отпуштени работници. Вели без помошта на државата можело да биде и полошо.

Вчера странските инвеститори побараа неповратна помош, односно целосни грантови за да можат да ги задржат на работа 28 илјади работници. Ангеловска , пак, тврди дека бескаматните кредити со 30% грант се сериозна и доволна мерка.

Инаку Светска Банка информираа дека редовно ги следи состојбите и загриженоста околу проектот за итен одговор на состојбата со Ковид -19 и неговата имплементација. Потенцира дека банката има нулта толеранција за измама и корупција. На прашањето дали Светска Банка се сомнева дека парите што ги дава можат да се злоупотребат, одговори дека тоа не значело дека банката ја критикува Владата, туку сакала само да се увери дека парите ќе завршат на вистинското место.

Тања Попова

Advertisements