Граѓаните обвинуваа за вработувања во државни компании на лица блиски до еден скопски градоначалник

Дали кумашинот на градоначалник на една скопска општина е поставен за управител на ќерка фирма на државна компанија?Вакво прашање деновиве на социјалните мрежи поставуваат голем број на граѓани жители на оваа општина. На постовите на социјалните мрежи граѓаните објаснуваат дека неколку дена чекаат одговор од првиот човек на општината. И Алфа се обрати до општината за потврда или демант на овие информации, но од таму молк. Реакција се бара и од антикорупциската комисија. Граѓаните сметаат дека антикорупционерите треба да го испитаат случајот и најавуваат повеќе скандали поврзани со државната компанија.

Претседателката на Антикорупциската комисија вели дека кумска врска не е основа за судир на интереси. Но двете лица не смееле да имаат финансиски интерес од вработувањето.

“Под поимот блиски лица, значи тука се подразбираат лица кои се во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв, во права линија, и во странична линија до четврт степен. Потоа роднини по старателство до втор степен, и секое правно или физичко лице  со кое што службеното лице има финансиски интерес. Кумството не е ставено во блиските лица, меѓутоа може како кумови да имаат заеднички финансиски интерес” – вели Билјана Ивановска од ДКСК.

Ивановска појаснува и кои се критериумите по кои антикорупциската комисија ги разгледува огласите за вработувања во државни органи и евентуалното влијание на функционерите.

“Многу често, раководните лица ја злоупотребуваат својата позиција за да вработуваат блиски луѓе. Ова е до толку повеќе што најчесто недостасуваат процедури за спроведување на постапките за вработување во услови кога материјалните закони не пропишуваат баш јасни постапки за нивно спроведување.  Сведоци сме дека се вршат промени во актите за систематизација и наместо и наменски се креираат работни места непосредно пред објавување на огласот а согласно квалификациите за вработување” – додава Ивановска.

Граѓаните исто така бараат одговор и на  прашањето по која цена кумашинот купил стан во општината со која раководи градоначалникот.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста