Џабе скенираа сметки кога ќе добијат помал поврат на ДДВ од државата. Граѓаните се револтирани. Новата одлука да се враќа 20% од данокот за купените домашни и 10% од странските производи и услуги, наместо 15% од ДДВ за целиот промет, значително ќе им го намали износот што ќе легне на нивните сметки. Повратот на ДДВ кај некои е помал и до 500 денари. На социјалните мрежи јавноста негодува зошто УЈП дури пред неколку дена објавила дека одлуката ќе важи и за изминатите 3 месеци. Велат да знаеле дека наместо 1.800 денари, ќе добијат помалку пари за април, мај и јуни, ќе продолжеле да скенираат сметки. Негодуваат и прашуваат, како можат законите и одлуките да се применуваат ретроактивно.

„Срамота. Воопшто немам добиено за претходните, а за овај месец синоќа покажуваше 902 денари, а сабајлево отварам оп 713 ден. Срамота“

„Јас имав 1.799, сега имам 1.199 денари. Срамно!Зошто вака прават?“

„Сите промени важат од денот на нивното донесување, а не да пресметувате за минатото тримесечје. Само гледате како да му земете на овој напатен народ пари, ништо друго“

„А тие што по грешка скенираа, кога ќе им ги вратите парите? Помина месецот“

„И тие 750 денари што ги имав, ќе ми ги земат“

„Тоа е. Изборите пројдоа, парите ги земаа. И тоа на нелегален начин“

Од Управата за јавни приходи велат дека не се работи за кратење на парите, туку за примена на уредбата на Владата со која се раздвојуваат македонските од странските производи. Признаваат дека овој потег може да предизвика промени во сумите кои им се враќаат на граѓаните.

Алфа уште пред два месеци објави дека граѓаните ќе добијат помалку пари и поради трговците кои прават малверзации со македонските производи кои ги продаваат како странски. На голем дел од нив, фискалните каси не им се наштелувани како што треба, па дури и онаму каде што има доказ на етикетата или амбалажата дека се работи за производ од домашно потекло, тој на фискалната сметка е обележан како увезен, па за него ќе се вратат помалку пари како поврат на данок. Вакви случаи има многу. Граѓаните се жалат дека само една третина од купените македонски производи, а некогаш и помалку се обележани како домашни.

Револтирани се и граѓаните кои по грешка го донираа повратот на ДДВ за првите три месеци. УЈП се корегираше, повторно им одобри поврат на ДДВ преку мобилната апликација, но парите се уште не се легнати на сметките на сите. Рокот истекува на крајот на месецов.

Тања Попова