Граѓаните и интелектуалците вознемирени од „мултиетничкиот народ“ на премиерот

Премиерот Зоран Заев веќе и не знае што зборува, сакајќи да се направи повпечатлив, велат дел од граѓаните откако тој измисли досега невидена категорија Македонци, па ги помеша дефинициите за народ, држава, општество и нација. Граѓаните критикуваат, но и се смеат, зашто како што велат требало да се навикнеме на неговите „бисери“, бидејќи ова не бил прв гаф на премиерот, а сигурно нема да му биде и последен.

– Абе тој дефинитивно не знае што зборува, мора да се навикнеме на тоа, велат дел од анкетираните.

Некои од граѓаните најверојатно негови полиитчки приврзаници, сметаат дека тоа што го зборува премиерот е добро.

Дел од граѓаните велат дека дефинитивно премиерот се збунил, пракса што често пати му се случува, особено на јавни настапи.

– Се збунил, сигурно. Да да, се има збунето човекот, се дешава и тоа, додаваат граѓаните.

По изјавата на премиерот дека македонскиот народ е „мултиенички“, се огласи и професорката академик Катица Ќулакова.

– Мултиетнички македонски народ: Апсурдна и ступидна теза, неподнослива леснотија на т.н. автентично толкување на поимот народ, политички башибозлук, антимакедонска стратегија, непоправлива штета! Има ли крај на ова зло, напиша Ќулавкова на Твитер.

Премиерот ги помеша поимите во Подгорица, и тоа за време на говорот на црногорската владејачка демократска партија на социјалистите, каде се избираше лидерот Мило Ѓукановиќ, еден од најконтроверзните политичари на Балканот.

Во обраќањето Заев им пренесе поздрави на своите левичарски сојузници во Црна Гора од како рече „мултиетничкиот македонски народ“.

Со воведување на досега непозната дефиниција на народи, премиерот целосно им контрира на тезите за народ, нација, држава или општество. Според научните објаснувања еден народ како македонскиот – не може да биде мултиетнички или повеќенационален. Па така, останува отворено прашањето дали ова премиерот го прави од незнаење или се работи за обид да создаде нов вид народ согласно барањата на Грција и Бугарија.

Инаку, за само неколку дена Заев во два наврати ја споменува синтагмата мултиетнички македонски народ што укажува дека се работи за двоен гаф или за концепт во кој македонскиот народ треба да се претвори во поинаков вид ентитет од сегашниот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста