Граѓаните бараат укинување на одлуката за поскапување на струјата

Не стивнува револтот на граѓаните откако Регулаторната комисија за енергетика завчера ја поскапе струјата за 7,4%. Се мобилизираат сите. Граѓаните на социјалните мрежи покренаа он-лајн петиција за укинување на покачувањето на електричната енергија, намалување на ДДВ-то на струјата од 18% на 5% и укинување на високата тарифа. Иницијативата „Млади за Македонија“ меѓу другото бара да се формира фонд за покривање на сметките на лицата со финансиски потешкотии, кој ќе биде финансиран од профитот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ, како и загарантиран откуп на струја од сончеви колектори на домаќинствата. Барањата се упатени до Регулаторната комисија, Собранието, Министерството за економија, Владата и Претседателот. На петицијата досега се потпишаа над 3 илјади граѓани.

„На ред е покачување на цените на производите и услугите во Република Македонија како последица на покачувањето на цената на струјата. Зар треба да плаќаме иста цена со граѓаните на Данска и Луксембург кои имаат плати во висина од 4000 евра, споредено со нашиот просек од 380 евра? Затоа народе, почнуваме со отпор. Потпишете ја и споделете ја петицијата за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“

Против поскапувањето на струјата се изјаснија и од Организацијата на потрошувачи. Негодуваат зошто предпразнично властите им приредија лошо изненадување на граѓаните во пикот на корона кризата. Велат одлуката дошла неочекувано и без соодветни консултации.

„Пресметките за покачување на цената на електричната енергија треба пред се да се засноваат на потребата од намалување на оперативните и фиксните трошоци на енергетските компании кои потрошувачите не треба да ги субвенционираат за тие да продолжат да работат неефикасно“ – велат од „Организацијата на потрошувачи“.

Граѓаните се револтирани бидејќи во Македонија се зголемува цената на струјата додека во сите други држави цената се намалува, им се даваат пари на граѓаните за да ги платат сметките или пак го одложуваат плаќањето.
Во моментов, Македонија има поскапа струја од Турција, Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија и Украина.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста