Граѓанските организации бараат детали од Владата за фабриката за отпад во Неготино

Кој е инвеститорот во фабриката за отпад во Неготино и со какви гаранции го докажува својот кредибилитет – граѓанскиот инспекциски совет и еко активистите алармираат дека во планот на Владата за справување со отпадот има низа недоречености, и наместо да слушаат шпекулации, бараат конкретни одговори од надлежните. Од Владата засега не изнесуваат детали за тоа кој стои зад неготинската фирма „Зока енерџи солушн“, која ќе го реализира стратешкиот инвестициски проект. До сега се знае само дека фирма од Луксембург нуди 336 милиони евра да согорува отпад. Граѓанските активисти бараат македонска јавност да ги дознае сите детали од планираната стратешка инвестиција.
Според пратеничката и поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, проблемите со депониите во Македонија се огромни и го загрозуваат животот на граѓаните, тие го поздравуваат планот за овој проект, но бараат од Владата да биде транспарентна.
Какво е влијанието врз животната средина од оваа фабрика во поглед на испуштања гасови, течен исцедок и пепел, изразено во количества на ден, месец и година? Како ќе се менаџираат? Дали се планира увоз на отпад, или само преработка на домашниот? Дали ќе се преработува само комунален или и медицински отпад? Каква е временската рамка на изведба на проектот и какви обврските има инвеститорот кон планските региони во однос на управување со отпадот до започнување со работа на проектот – прашува Лилјана Поповска.
Реагираат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде предупредуваат дека изградбата на фабриката ќе биде закана за животната средина и здравјето на граѓаните. Опозициската партија предупредува дека нема да дозволи во тиквешијата да се изгради објект кој според нив би бил депонија. Инаку во јавноста веќе се птоширија информации дека зад неготинската компанија стои млад тим од четворица, предводен од директор со свежо портфолио, а истата е формирана лани во април, со влог од 5.000 евра.
Адријана Алексиеска