Граѓаните се жалат, Бислимовски се правда – радијаторите уште не топлат секаде

Почна грејната сезона, но не за сите. Граѓаните се жалат дека во делови од централното подрачје на Скопје се уште нема парно греење. Остри реакции и критики се нижат на социјалните мрежи, но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека до сега никој не се пожалил дека нема греење.

Парното стартуваше од 15 октомври како што е предвидено и функционира без никаков проблем. Ние до сега немаме ниту една поплака од граѓаните. Имаме реакции дека во одредени згради кои што имаат висока енергетска ефикасност во одреден период од денот се прегреваат, така да операторот најмногу го оптимизира системот – вели Марко Бислимовски – претседател на Регулаторна комисија за енергетика

Според правилникот за парно греење, температурата треба да биде под 12 степени целзиусови, за да се пушти топлинска енергија во домаќинствата.

Во меѓувреме, изменување на Законот за градба беше предлогот на Регулаторната комисија, за да се воспоставел  ред во начинот на греење на граѓаните. Доколку се одлучи во една зграда станарите да се греат со парно, ќе мора сите станари да бидат корисници, без исклучок. Претседателот на Регулаторна повторно имаше средба со градежната комора, на која се разговарало за деталите како ќе се имплементираат новите законски измени. Согласно дополнувањето на законот, однапред ќе се знае на што ќе се греат станарите во зградата уште пред да почне да се гради.

Ние како Градежна комора даваме поддршка за реализација да се приклучат објектите на централно градско греење. Ако веќе еден објект е приклучен на градско греење, потребно е да бидат корисници сите – изјави Ивица Јакимовски – претседател на Градежна комора

Она што дополнително загрижува е поставувањето мерила за топлинска енергија. Од градежната комора велат дека трошокот за калориметрите ќе паднел на товар на инвеститорите кои во иднина ќе градат, но не целосно. И купувачите на станови ќе треба да учествуваат во тоа. Како тоа ќе се реализира – се уште е нејасно.

Претходно, граѓаните се жалеа дека и покрај тоа што парното во нивното домаќинство е исклучено, сепак плаќаа паушални сметки. А сега, со новиот план на Регулаторната комисија , станарите ќе бидат приморани да плаќаат целосни сметки за парно, ако зградата е приклучена на централно греење.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста