Граѓаните панично купуваат евра, НБРМ смирува денарот е стабилен, простор за паника нема

Евра има и денарот е стабилен, а простор за паника нема. И од менувачниците и од НБРМ смируваат дека во Македонија има доволно девизи. Во изминативе денови забележана е зголемена побарувачка од вообичаено и на тоа се должи недостигот на евра во менувачниците.

Може да кажеме дека последните две недели е зголемена побарувачката на еврото, луѓето панично купуваат евра иако апелираме дека навистина нема потреба од такво панично купување, побарувачката е зголемена, вели Калина Јовчевска – сопственик на менувачница.

Од НБРМ уверуваат дека курсот на денарот во однос на еврото е стабилен. Моментално, 1 евро по среден курс е еднакво на 61.69 денари. Од Централната банка  укажуваат дека има доволно девизи.  

Вкупниот износ на девизи кој менувачите и банките го откупиле од физичките лица е поголем од оној кој им го продале што упатува на тоа дека има доволно девизи.  Апелираме до граѓаните – да не се водат по шпекулациите и лажните вести, кои овој период се присутни и да не се изложуваат самите себеси на материјални загуби. Народната банка гарантира дека курсот на денарот е стабилен и ќе остане стабилен, информираат од НБРМ

Девизните резерви изнесуваат околу 3.4 милијарди евра што е двојно повисоко во однос на 2008 година  за време на глобалната финансиска криза, информираат од НБРМ. На располагање се и дополнителни 400 милиони евра за одржување на ликвидноста од  Европската централна банка.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста