Граѓаните не можат да се пронајдат на списокот за 6000 денари државна помош

Секој четврт граѓанин го нема на списокот на добитници на државна помош. Неофицијално дури 70 илјади од 285 илјади луѓе поднеле приговори на интернет страницата купувамдомашно. За министерот за економија Крешник Бектеши мерката не била пропадната. Тој упорно тврди дека парите ќе стигнат онаму каде што треба. Ваквиот одговор доаѓа откако голем број граѓани со денови не можат да се најдат на списокот на добитници на државна помош од 6 илјади денари, а некои не можат да поднесат приговори за да ги додадат на листата. Рокот за приговори истече вчера, а од Владата нема најави дека тој ќе се пролонгира. И покрај тоа, министерот Бектеши ги повика граѓаните да реагираат за грешките да бидат поправени.

По бројни негирања, извесно стана и тоа дека граѓаните без никаков проблем со 6.000 денари ќе можат да купуваат и странски производи, да ги извадат парите на шалтер или од банкомат и да ги потрошат во кеш. Нема систем кој ќе може да ги спречи во тоа. Банките треба да водат евиденција само на потрошеното преку трансакциски сметки, но кога ќе се подигне готовина, следењето на парите е практично невозможно. Владата со поинакви ставови од првичните. Ако министерот за финансии Бесими со месеци тврдеше дека со мерката се поттикнува исклучиво потрошувачката на македонски производи, министерот за економија Бектеши сега е задоволен што 6.000 денари ќе се потрошат на било какви производи кои ќе придонесат за поголем раст на економијата, особено пред новогодишните празници.

На дел од оние граѓани кои успеаја да се најдат на листите, парите веќе им легнаа на сметките и тие почнаа да ги трошат во продавниците. 

На листата на страницата купувамдомашно дополнително треба да бидат додадени самохраните родители, филмските и естрадните уметници кои ги исполниле условите за добивање на помош. Во првата тура платежни картички ова лето 15 илјади граѓани останаа со празни раце. Од 324 илјади на списоците, помош добија 309 илјади луѓе.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста