Граѓаните ќе плаќаат зелена такса и од година во година поскапи сметки за струја

Поскапи бензини и дизел за 4,13 денари поради еколошката такса, ДДВ-то на струјата ќе се намали од 18 на 5 отсто ама само за една година. Веќе во следната година, македонските граѓани ќе плаќаат поскапа струја, кога ддв-то ќе се покачи на 10 проценти, а вистинската цена на струјата ќе ја видиме во 2023 година, бидејќи данокот на додадена вредност, ќе се врати на сегашната стапка од 18 проценти. Во меѓувреме се крои и новата цена на струјата. Појасна слика за тоа колкава ќе биде нагорната корекција, ќе има деновиве, кога Регулаторна ќе соопшти што од барањата на Мепсо и Електродистрибуција ќе бидат прифатени.

Иако стопанството го крена гласот дека надлежните од нив не побарале официјално мислење во врска со воведување на еколошката давачка, Владата денеска ќе пресече за поскапување на горивата за 4,13 денари по литар. И експертите и бизнисот бурно реагираа  зашто новиот зелен данок кој ќе важи од 1 јули, според нив, ќе ја подгрее инфлацијата и ќе удри врз џебот на граѓаните. И транспотерите реагираа да се размисли пред  воведувањето на оваа такса бидејќи според нив има модели кои се применуваат во ЕУ и можат да се воведат и кај нас, а не да се наметнува такса која најмногу ќе ги погоди транспортерите.

 Со ваквото поскапување, Владата планира за 6 месеци од оваа такса да собере 27,4 милиони евра во буџетот, или годишно во државната каса да влезат по 54 милиони евра.

За премиерот Зоран Заев со таксата ќе се стимулирале граѓаните – превозните средства да ги заменат со електрични автомобили и тротинети, велосипеди и слично. Сепак во последната набавка на 45 возила на лизинг за потребите на Владата ниту едно не е електрично. Заев ветува дека во наредните набавки ќе се потруделе да се набави ваков вид на превозно средство но и дека ќе се стимулирале владините претставници и министри до своето работно место да патуваат со тротинет, велосипед или електричен автомобил.

Ако се знае дека најевтиниот електричен автомобил чини околу 15-тина илјади евра, прашањето е колку македонски граѓани ќе може да си дозволат да купат еколошки автомобил?

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста