Граѓаните имаат право да бараат обештетување за евентуални штети од испадите на струја
Испадите во системот за струја пред два дена ќе ги расчистува посебна комисија. Ќе се утврдува кои се вистинските причини и каде е одговорноста за хавариите кои го оставија Скопје и добар дел од државава без струја. Но кој и како ќе ги надомести и евентуалните штети? Оваа дилема е повеќе од оправдана, ако се има предвид фактичката состојба со повеќекратни испади во мрежата кои предизвикаа пожари во две трафостаници и прекини во напонот кој ги остави во мрак домовите на граѓаните.
Законот регулира дека за евентуалните штети граѓаните можат да бараат обештетување. Социјалните мрежи врија од реакции, но засега нема конкретни информации за претрпени штети во домовите, пред се во делот на електронските уреди и апарати кои се многу сензитивни на промената на струјниот напон. Од Регулаторната комисија за енергетика за Алфа велат дека граѓаните можат да пријават штети, а целиот процес е регулиран со соодветен правилник.
Операторот на електропреносниот систем и oператорот на електродистрибутивниот систем на производителот и на потрошувачот на електрична енергија приклучени на соодветниот систем, му ја надоместуваат штетата настаната поради намалување на квалитетот на испорачаната електрична енергија утврден со мрежните правила или прекин во испораката на електрична енергија настанати по вина на операторот се наведува во правилникот на РКЕ.
Постапката е следна: Граѓаните треба да достават барање до операторот, по што ќе се формира Комисија која ќе одлучува дали штетата е настаната токму поради прекинот во тој период. Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека досега никој не пријавил штета поради проблемот во мрежата на македонскиот електродистрибутивен систем од пред два дена. Прашавме и во „ЕВН Хоум“ кои во ваков случај треба да им излезат во пресрет корисниците кои евентуално претрпеле штета.
Дали и колку од граѓаните поднеле пријава до нив засега нема информации. Дилемата е што и доколку некој од нив кои претрпеле штета немаат осигурување на нивните домови. Експерти од оваа област велат дека и во таков случај има соодветна процедура.
Првиот човек на МЕПСО, Орхан Муртезани, за Алфа вели дека има формирано работна група која интензивно работи на проверка на системите и начинот на кој вработените одговараат доколку настане проблем.
Инаку, прекинот според информациите, настанал поради дефект на изолаторот и искрење, по што следел и пожарот во околината на далекуводите, а системите за заштита на МЕПСО реагирале и автоматски се исклучила електричната енергија.
Викторија Миткова