Граѓаните бесни за милионскиот дил на власта со „Макпетрол“, Пендаровски тактизира, опозицијата бара вето

Спорниот закон за „ГА-МА“ помина во собрание, но контроверзите околу него не стивнаа. Мнозинството пратеници дадоа амин за законот со кој се решава долгогодишниот спор околу сопственоста на „ГА-МА“, која државата ја купува за 32,7 милиони евра од „Макпетрол“. Среде пандемија и вонсудски и покрај гласните негодувања на опозицијата и предупредувањата на дел од експертите за сомнителност на постапката.

Постапката во законодавниот дом заврши, но за да стане оперативен законот треба да го парафира и шефот на државата. Опозицијата бара претседателот Стево Пендаровски да стави вето, односно да не го потпише указот за законот, за кој предупредуваат дека е криминален и штетен за државата.

Тоа што среде пандемија, власта склучи милионска зделка со приоватна компанија ги загрижува и граѓаните кои реагираат дека за време на криза, власта не треба да се расфрла со државни пари.

  • Тоа е катастрофа, за време на немаштија да се даваат толку пари. Мислам дека Владата мора да размисли добро, но веќе е касно. Тоа е лошо сега за време на немаштија да се расфрламе со толку пари, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

За сомнителност на целата постапка реагираат и експертите. Дел од нив немаат дилема дека гасоводот е подобро да биде во државна сопственост, но се сомневаат дека целиот процес крие и матни зделки.

  • Државата може во определени моменти, да се откаже од профит, од добивки, за да помогне на стандардот на граѓаните во определени тешки моменти а би рекол дека со пандемијава со укочено стопанство, токму е таков моментот. И не е навистина мудро да зголемуваш цена на енергенти за граѓаните, а компаниите еве како ЕВН да си го остварува својот профит. Значи сметам дека е добро да биде во сопственост на државата, вели за Алфа универзитетскиот професор, Константин Димитров.

Каков ќе биде потегот на Пендаровски, засега е неизвесно. Опозицијата тврди дека законот е спорен по многу точки, меѓу кои и фактот дека владата на макпетрол му плаќа речиси 15 милиони евра повеќе од неговото првично вложување во овој енергетски проект. ВМРО-ДПМНЕ смета, дека законот ги крши темелните уставни одредби. Од партијата најавија дека ќе го оспорат законот и пред уставниот суд.

Договорот за купување на делот на „Макпетрол“ во АД „ГА-МА“ беше склучен лани под медијаторство на Европската енергетска заедница. Преминувањето на „ГА-МА“ во државна сопственост беше дел од третиот Енергетски пакет.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста