Граѓани сведочат за Алфа дека се гушеле, чувствувале болка во градите и им се лошело

Контаминираната вода со метил акрилат е собрана, тврди власта, но стравот кај граѓаните се уште е присутен. Одговорноста се уште не е лоцирана. Жителите на Пинтија и Аеродром велат дека миризбата била неподнослива, чувствувале болки во градите и стравуваат дека повторно вакво нешто може да се случи.

Луѓе кои се вработени во Охис, велат дека завчера во попладневните часови почувствувале силно печење на очите и одвај издржале на работа до 15 часот, но никој не им кажал што се случува, за излевањето на контаминираната вода дознале од медиумите.

Но она што е нова инфомација е дека утре АРМ повторно влегува во ОХИС за да направи втора контрола на состојбата, вели за Алфа сопственикот на фирмата која го врши препакувањето на хемискиот отпад Владо Момировски.

Не сакаше да зборува пред нашата камера, вели се појавил дури вчера пред камерите-три дена по излевањето на отровната хемикалија – оти никој оретходно не го побарал пред камера. Но на нашата денешна покана рече „сега јас не сакам“. Во моментот не се чувствува одговорен што се случи инцидентот како што го нарекува, иако реагирал дури во петокот околу пладне кога и дознал за тоа што се случило.

Новинар: Зошто веднаш не излеговте да и кажете на јавноста што се случува туку чекавте дури после три дена, откако граѓаните се задушуваа па пријавија?
Момировски:Ни јас не знаев, ми јавија дури од сабајлето. А што да изјавам, кога ни јас со сигурност не знам што ќе покажат резултатите.
Новинар: АРМ пак ќе влегува а вие велите дека не е хаварија? Ќе понесете ли одговорност?
Момировски: АРМ постапува според процедурата. Ако се покаже дека мојата фирма е виновна ќе следат натаму чекори. И јас сум странка во случајот не можам се да знам.

И по ваквиот одговор останува дилемата дали доволно сметка се водело за складирањето на отпадот и кој ќе одговара.

Невладините организации се кренаа на нозе, бараат некој да сноси крвична одговорност, а пак политичката партија Левица бара без разлика дали има или нема иманентна опасност, итна одговорност да понесе Насер Нуредини, министер во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Јани Макрадули, заменикот министер, но и од Агрон Буџаку, директорот на Центарот за управување со кризи.

Институциите се правдаат велат немало потреба од паника, не се случило хаварија туку инцидент било тоа што 6 тона вода со метил акрилат се излеале. Уште е неодговорено ако било само инцидент зошто интервенираше армијата односно единицата за хемиска нуклеарна и биолошка одбрана?

Алфа побара одговори од Јавното обвинителство дали ќе покренат некаква постапка за случајот како што бараат невладините, од таму не известија дека го чекале извештајот од Министерството за животна средина и врз основа на тоа ќе одлучеле како ќе постапат понатаму.

Хемичарите велат дека не знаат се уште какви ќе бидат последиците од излевањето.

Немаме детали т.е. конкретни податоци за количеството и концентрацијата на истечениот метил акрилат и за тоа што точно се случило за да зборуваме за последици. Одговорот е кај фирмата,надзорот и инспекторите, вели хемичарот Марина Стефова.

Инаку метил акрилат е токсична супстанција која при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди на истата.

Мери Ѓорѓиевска