Граѓани: Нема термини за ПЦР тестови во државните лаборатории, Филипче демантира

Година и половина од пандемијата граѓаните се соочуваат со истите нерешени проблеми во здравството. Социјалните мрежи вријат, корисниците коментираат дека термини за ПЦР тестирање во државните институции нема, па мора да плаќаат астрономски суми во приватните лаборатории. Велат оти за да потврдат дали се позитивни на корона вирусот чекале и по две седмици. Неретко патувале од еден во друг град за да бидат тестирани.

„Чекав шест дена со симптоми. Пунктовите за тестирање на државно им работат само три часа, од 8 до 11“.

„Јас и синчето моравме приватно да правиме ПЦР бидејќи се чека две недели. Не чинеше гавол ипол за здравство кое цел живот го плаќаме“.

„Чекав 10 дена, веќе оздравев па се тестирав. Луда држава е ова, затоа луѓе умираат бидејќи немаат пари да се лечат“, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Министерот за здравство демантира – вели немал информација оти немало термини за тестирање во државните лаборатории.

„Лабораторијата е до Министерството за здравстви и нема луѓе што доаѓаат што значи дека термини има сосема доволно. Ставува збор на некои 300 до 350 новодијагностицирани случаи што може сосема комоптно да се тестираат без да чекаат било кога. Во таа смисла нема информација дека нема термини“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Но, дека состојбата на терен не е онаква каква што ја прикажуваат здравствените власти алармираат лекарите од примарното здравство. Матичниот лекар Ненад Лазаров тврди дека термини за тестирање има многу малку, а пациентите со симтоми на Ковид ја почнуваат терапијата за лекување пред да бидат дијагностицирани. Не ретко вели се случува само еден член од семејството да се тестира приватно, а другите се лекуваат под претпоставка дека се заразени со вирусот.

„Било кое инфективно заболување во првите денови има едни општи симптоми. Луѓето се испаничени, правиме непотребно и на себе и на другите пациенти непотребни контакти со потенцијално заболени затоа што не можеме да ги тестираме. Јас не знам како не се успеа до ден денеска брзи тестови да обезбедат како матични лекари. Доаѓа пациент со симптоматологија да јас можам иницијално овда да направам една тријажа за да видиме кој пациент треба да се упати на ПЦР тестирање или не“, вели Лазаров.

Само 670 термини за ПЦР тестирања се достапни за пациентите во државните лаборатории, а дневно според податоците на МЗ се тестираат околу 3000 луѓе. Близу 2500 ПЦР тестирања се прават во приватните лаборатории, каде еден тест чини најмалку 1600 денари.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста