Градот – херој, Прилеп го одбележува Трети ноември, Денот на ослободувањето од фашистичките окупатори

        Со венци, свежо цвеќе и длабок наклон пред паметниците на загинатите прилепски борци во НОБ, градот – провоборец и херој Прилеп, денеска одбележеува 77 години од ослободувањето од фашистичките окупатори и оставрувањето на вековните стремежи за национална слобода. Новиот градоначалник, Борче Јовчески, заблагодарувајќи се за саможртвата на хероите кои себе си се вградија во темелите на слободна Македонија, од Могилата на Непобедените порача дека тој нивни аманет мораат да го чуваат и овие, а и сите следни генерации.

   „Се поклонивме и им оддадовме почит за нивното херојство, нивната жртва што ја дадоа за својот град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме дека како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив да не биде заборавена, но и да го вратиме сјајот на Паркот на Револуцијата, изграден во нивна чест, како и на сите споменици на културата“- истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

   Чествувањата продолжуваат со вечерашното доделување на Свечена седница на најпрестижното општинско признание – Третоноемврските награди. Годинава се доделуваат вкупно 11 награди, или 4 плакети и 7 Дипломи на заслужни прилепски правни и физички лица.

   Инаку, ослободувањето на Прилеп во Втората светска војна е дел од завршните операции за ослободување на Македонија.. Во последните два дена Прилеп дал 78 жртви, херои на Народноослободителната војска на Македонија. Окупаторите имале 160 жртви и стотици ранети и заробени. Со запленетото оружје, борците се упатиле кон Битола и ја ослободиле на 4 – ти ноември.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста