Градот денеска беше раздвижен- сликата во Скопје пред полицискиот час кој ќе трае до понеделник

Редици и гужви пред маркетите и аптеките, метеж во сообраќајот, вака денеска изгледаше Скопје на неколку часа пред почетокот на полицискиот час кој ќе трае цел викенд, односно од 16 часот денеска до 5 часот наутро во понеделник.

Во периодот меѓу 10 и 12 часот, најмногу надвор од своите домови беа постарите, оние над 67 години, кои ги имаат само овие 2 часа во денот за да бидат надвор. Велат овој период е премалку и предизвикува само уште поголеми гужви, што самото по себе претставува опасност по нивното здравје. Побараа и од помладите да ги пуштат преку ред за да ги купат производите кои се неопходни за нормално да го истераат викендот кој следи.

Сите граѓани, освен оние кои имаат посебни дозволи за движење за извршување на работните обврски, ќе мора да останат дома 61 час, а министерот за здравство, Венко Филипче најави уште построги забрани за движење во текот на наредната недела. Поради велигденските празници и неработните петок и понеделник после тоа, полицискиот час најверојатно ќе започне во четврток во 16 часот, а ќе заврши во вторник во пет часот наутро.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста