Градоначалникот на Ново Село ќе „куртули“ од затвор поради правна неписменост?

Се фаќаат ли „правни кривини“ за случајот со градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев? Ова е прашање што се наметнува, откако кривичниот совет при основниот суд во Струмица го одби барањето на основното јавно обвителство, Стојчев да се упати на издржување казна затвор од две години за кривично дело за кое бил осуден во 2015 година, а активирање на условна казна е побарана бидејќи во периодот од дадени 4 години сторил ново дело.

Во објаснувањето на кривичниот совет стои дека предлогот на обвинителството требало да се достави за време на постапката што се водела против Стојчев за обид за шверц на цигари. Како што информираа од судот, барањето е отфрлено како недозволено, бидејќи не постоела посебна постапка за отповикување на ново дело.

Со ова не се согласуваат познавачите. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека со ваквата постапка јасно е воочливо непознавањето на судките постапки.

Основното јавно обвинителство од Струмица може да ја обжали одлуката , а рокот од три дена веќе тече. Од таму не одговорија на прашање на Алфа, дали обвинителот ќе поднесе жалба.

На 10 јули годинава Боро Стојчев беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци, но по жалбата на одбраната Апелациониот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор. Претходно, во 2015 година Стојчев бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не повтори дело во наредните четири години. За стореното кривично дело „проневера во службата“ сторено во 2010 година, условната казна истекува на 30 април догодина.

Неодамна Стојчев си поднесе неотповиклива оставка, а градоначалничката фотелја ја напушти по барањето од СДСМ, а насоката за постапување од партијата дојде во пакет со најавата за негово отчленување. Претходно, премиерот Зоран Заев изјави дека Стојчев му е куќен пријател, а на суд, новоселскиот градоначалник го користеше истиот адвокат како и Заев, Ване Андреев.
Советот на Ново село деновиве треба да назначи в.д. градоначалник на општината, се до распишување на локални избори.

https://www.youtube.com/watch?v=FBouPTpjHlI&feature=youtu.be

 

Сања Т. Ставров