Градинките отворени, да се алармира и при најмал сомнеж за корона

Околу 14.500 деца од денеска тргнаа во градинка. Шест месеци откако корона пандемијата стави клуч на сите образовни институции, денеска градинките ги примија дечињата но под строги протоколи. Се мери температура, се влегува во групи во стриктно одреден тајминг од 20-тина минути по група, а градинките во функција ги ставија сите влезови со цел родителите и децата од различни групи да немаат меѓусебна комуникација. Групите до 2 години ќе имаат најмногу 6 дечиња, а оние над 2 години, по 15 деца во група. За секоја група ќе се грижат по две негователки.

„Се одвива група по група, во одреден тајминг, па да се прави дезинфекција на просторот и проветрување. Дојдоа половина од децата кои штом поднесоа комплетна документација дека до крајот на неделата ќе се пополни таа бројка. Медицинската сестра е тука да се договори со родителите како ќе се одвива и на кој начин адаптацијата во јасли“, вели директорката на детската градинка Буба Мара, Елена Устаматова.

Родителите задоволни – велат редно време беше да се отворат градинките, откако со работа почнаа сите економски оператори. Сепак, стравуваат дека би можело да има проблем околу стриктните тајминзи за земање на децата, бидејќи не секој родител може да го напушти работното место пред 16 часот.

„Малку имаме проблем со саатницата, но средивме тоа, ни направија за да може да ги земаме кога треба и да ги носиме“, велат родители.

Министерката Шахпаска побара од директорите да имаат разбирање кон родителите, но порача оти протоколите за безбедноста ќе мора да се почитуваат.

„Апелирам до сите вработени во градинките, ова е момент кога треба да покажеме максимална грижа за најмладите, не треба да комуницираат меѓу себе во текот на работниот ден, физички контакт во смисла пиење на кафе или заедничка пауза на вработените, затоа што секој воспитувач и неговател е одговорен за групата деца за која се грижи“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика околу 260 негователи во градинките се ослободени од работа согласно мерките на Владата. Засега од Министерството велат оти нема недоскаток на кадар, но доколку се појави таков случај местото ќе мора да го пополни локалната самоуправа.

Во Македонија има вкупно 19.000 места за згрижување на деца во градинките. Слободни за упис се уште 4500 места.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста