Градежниците лути на државата, бараат укинување на мораториумот за градба

Бизнисот трпи сериозни загуби додека општините имаат мораториум за градба, алармираат градежниците. Бараат негово стопирање и враќање на укинатите ДУП-ови и општините да ги почитуваат роковите, кои се влечкаат и до 5 пати па и повеќе.

Па така, наместо 25 дена колку што е законскиот рок за градежна дозвола, од општините се чека нешто повеќе од 7 месеци. Велат дека реализацијата од страна на општините е катастрофална.

– Во Законот за градење имаме јасно дефинирани рокови. При издавање електронско одобрени роковите се точно дефинирани. Во рок од 25 дена треба да се издаде одобрение доколку барателот, независно дали е компанија или физичко лице ги исполнува условите. Сега имаме пракса во 2019 година каде што роковите се пролонгираат 220 дена, а не 20 дена. Ова е апел до сите општини да си ја сфатат работата многу сериозно затоа што системот за е-одобренија е направен многу добро и точно се следи секој чекор со рокови колку дена каде предметот може да стои. Не може во десниот агол од прозорецот кај тој што е референт во општината постојано да стои црвено и за тоа да не се реагира. Тоа не смее да се дозволи, порача претседателот на Градежната комора при ССК, Ивица Јаќимовски.

Додека градежништвото трпи сериозни загуби, министерот за транспорт рече дека реализацијата на капиталните инвестиции била одлична. Тој очекува годината да заврши со сериозна реализација на капиталните инвестиции од околу 80%, а во одредени сегменти и до 100%.

– Сметам дека согласно со планот и динамиката од изминатите години и согласно со плановите што се прават за наредната година мислам дека таа динамика ќе продолжи и ќе имаме поголема реализација на капиталните инвестиции во наредната година, рече Сугарески.

Сепак, наспроти тврдењата на Сугаревски, состојбата генерално со реализацијата на капиталните инвестиции е безмалку очајна и едвај надминува 30% од проектираното.

На средбата со бизнисмените им беше презентиран Предлог законот за легализација на дивоградби, што е во собраниска процедура, а за кој според министерот, последниот збор ќе го има Собранието.

Инаку, со предложениот закон за легализација се опфатени дивоградби изградени до 1 октомври годинава, со исклучок на тераси, доградби и надградби во станбени згради, како и заштитените области во Охридскиот регион согласно со препораките од УНЕСКО.

Борис Грујоски