Градежништвото во сериозна криза, секторот чека антикризни мерки за заживување
Некогашниот двигател на македонската економија – градежништвото, ланската година ја заврши разочарувачки. Секоторт по растот од 3,9% во првите три месеци во 2021, последниот квартал лани забележа пад од 2,4%, односно 1,5%. Градежниците се соочија со поскапување на материјалите и помал обем на работа поради мораториумите за градба во претходниот период. Пазарот на недвижности, пак, и во минатата пандемиска година регистрираше зголемен обем на трансакции, а продолжи и поскапувањето на становите.
- Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора.
Градежниците се пожалија дека секторот се соочувал со лош период, и работите не му оделе кон добро. Бараат поддршка од државата, намалување на данокот на додадена вредност, но и посериозни инвестиции во капитални проекти од кои бенефит би имале домашните капацитети.
- Растот на цените на становите достигнува и до 40 отсто. Тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои главно учество имаат порастот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор кој влијае на зголемување на цената на крајниот производи, како и на ограничување на понудата, што, потенцира, се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови, вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори,
Јакимовски додава и дека градежниот сектор е подготвен да го промени трендот, со цел да се излезе во пресрет на потребните на граѓаните, ако се создадат услови за да може да почне со деловна активност.
Растот на цените на становите достигнува и до 40%. Тоа се должи на растот на цените на материјалите, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор, како и на ограничување на понудата, што се јавува како последица на мораториумите за градба.
Градежниците од Владата бараат ангажман и на најавените капитални проекти за изградба на патиштата на коридорите 8 и 10. Во наредниот период, како што велат, ќе биде важно и под кои услови ќе се добива нивната изведба, за кои е потпишан меморандум со конзорциумот „Бехтел и Енка” и каква ќе биде улогата на македонските компании во тој процес.
Според Државниот завод за статистика, од почетокот на 2021 година заклучно со октомври, се издадени 3.285 одобренија за градба. Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика покажува дека во 2020 година биле изградени 4.077 станови, а во 2019 година 6.069, односно помалку за 32%.
Борис Грујоски