Градежништвото пред колапс, бараат законски измени, во спротивно капитални проекти ќе нема

Градежништвото пред колапс, капиталните проекти тешко ќе се реализираат. Поразителна состојба во еден од најважните сектори во економијата. Компаниите се закануваат дека од јуни ќе сопрат со работа поради актуелните правила во Законот за јавни набавки кои не дозволуваат промена во цените на договорите. Имено се пожалија дека градежните материјали енормно поскапеле, па биле принудени да работат по стари пониски цени. Ако Владата брзо не преземе нешто, ќе треба да сработат поевтино и да прокнижат загуби или пак државата да им ги активира банкарските гаранции. Тоа би значело крах и затворање на фирми. Побарале намалување на ДДВ од 18 на 5% или негово укинување и воведување на т.н. „клизна скала“, но засега од Министерството за финансии нема одговор.

Цените на градежните материјали за миг се вивнаа нагоре. За само неколку месеци се поскапени за повеќе од 50%. Зголемување има кај песокот, циглите, железото, стиропорот, челичните профили. Поради состојбата со огромното поскапување, градежниците тврдат дека капиталните инвестиции нема шанси во целост да се реализираат. Надлежните ќе мора да одлучат кои проекти се приоритетни, а од кои ќе се откажат.

Буџетот за годинава предвидува реализација на капитални инвестиции „тешки“ над 600 милиони евра, што е најголема сума досега. Сепак, во првите три месеци, се завршиле неполни 13% од предвидените активности. Инаку, во последниве два дена, електронскиот систем за јавни набавки е надвор од функција. Градежниците, но и другите фирми не можат да ги следат тендерите за кои се заинтересирани да учествуваат. Надлежните интензивно разговараат за подобрување на системот во делот на следење на цените по парче и количини, но засега конкретни промени нема.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста