Градежници: Становите дупло ќе поскапат следната година, градежните материјали пораснале до 100%

По најавениот струен, Македонија ќе се соочи и со ценовен станбен шок. Цената на станбениот квадрат ќе замине „до плафон“ од следната година. Градежниците најавуваат поскапување и до 100% зашто поскапеле материјалите, пораснала и побарувачката, а се намалиле и дозволите за градба. Во скопски Центар квадратот до година ќе стигне и до 2.000 евра.

Цените на градежните материјали согласно анализата за периодот од март 2020 до март 2021 година направена од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите се зголемени енормно. При тоа, како што рече Серафимовски, челичните цевки и профили се поскапени за 66% со најава дека до Нова година ќе се покачат за уште 33%, дрвената граѓа е покачена за 55%, полимер битуменот за 47%, геокомпозитот 45%.

  • Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја, прецизира Серафимовски.

Градежните комори се пожалиле и дека Македонија се соочува со сериозен недостаток на работната сила, која се помалку ја има. Исто така, причина за енормниот пораст е мораториумот за градба во некои општини, а зголемениот  интерес од страна на граѓаните за купување недвижнини.

Пандемијата, но и ниските камати на депозитите ги тера граѓаните парите наместо во во банка, да ги вложат во недвижности. Тоа драстично ја зголемува побарувачката, велат градежниците.

Претходно, и Народната банка забележала пораст на цената на станбениот квадрат за скоро 6%. На годишно ниво граѓаните за да купат стан кај банките се задолжиле за една милијарда и 65 милиони евра, или пораст од околу 16%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста