Гошев за Алфа: Ангеловска ја злоупотребила положбата за да си ги повлече парите од „Еуростандард“
Се огласија Штедачите на „Еуростандард“ банка, чии штедни влогови надминуваат 30.000 евра. Реагираат оти нема целосно да бидат обесштетени, туку само до оваа сума, а остатокот ќе го чекаат од стечајната маса. Бараат пред сите домашни и меѓународни институции да ги претставува професионалец, оти во спротивно ќе треба да се саморганизираат и да преземаат мерки.
– Имено ние сме дел од 780-те штедачи на „Еуростандард“ банка, кои за својата судбина т.е. за обештетување на своите средства ќе мора да се потпрат на правилноста и функционалноста на нашиот систем и стечајните постапки како такви, Се работи за сума од 25 милиони евра, велат тие.
Гласот на штедачите стигна по вчерашното признание на првиот човек на СДСМ, дека уште лани знаел за состојбата во „Еуростандард“ банка. Дали ова фрла уште една дамка врз тврдењето дека банкротот е исцениран? Министерката Ангеловска е веќе под лупа: дали ги повлекла парите злоупотребувајќи ја својата позиција само некој месец пред банката да падне.
– Јас како претседател на Владата уште во 2019 година бев информиран за состојбата во „Еуростандард“ банка од извештаите кои редовно ги добивав, за намалување на адекватноста на капиталот, докапитализацијата и за сите движења кои што се случуваат“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање. „Секако, надлежноста е комплетно на Народната банка. Ниту Владата, ниту премиерот, ниту било кој ресор имаат било каква надлежност во банкарскиот сектор. Секако, секоја политичка влада секогаш им укажува на сите да се најде решение, да се најде инвеститор“, додаде Заев.
Дека министерката за финансии Нина Ангеловска ја злоупотребила својата положба со повлекувањето на парите од банката, вели и поранешниот гувернер, Петар Гошев. Тој во изјава за Алфа рече дека министерката како дел од Комитетот за финансиска стабилност, цело време знаела каква е состојбата во банката, и тоа го искористила.
– Таа министерка се грижела за своите пари. Јасно е дека таа ги извлекла тие пари, јасно е дека можела да има информации за состојбата на банката, за она што ја очекува банката, затоа што министрката е член на Комитетот за финансиска стабилност, Комитет формран кога јас бев гувернер. На седниците на тој комитет се расправаат слабите точки на финансискиот сектор, во случајов во банкарскиот. И таа дефинитивно имала информација за тоа што може да и се случи на оваа банка и таа како што гледаме пред два месеци ги извадила тие пари. Е сега во моментот на вадењето на нејзините пари немало формална забрана депонентите да ги извлечат парити, но овде имаме искористување на положбата. Ако нема кривично дело врз основа на закон овде има голем етички проблем, вели Гошев.
Екс-гувернерот рече и дека државата можела да ја спаси банката ако реагирала подобро, но смета дека Народната банка направила се што е во нејзини ингеренции.
Инаку Антикорупциска ќе испитува дали министерката Нина Ангеловска знаела дека ќе пропадне „Еуростандард“ банка кога ги повлекла парите од таму. Ќе се утврдува и дали министерката ја злоупотребила службената положба.
Борис Грујоски