„Гори“ денеска во Управата за водење на матични книги: Луѓето дојдоа по документите откако разбраа дека по две недели денеска вратите се отворени

По пожарот во соседните канцеларии на инспекторатот за животна средина, денеска Управата за водење на матични книги пак „гори“ ама од нервоза од собраните граѓани, оти откако се пушти во работа по застојот со денови – сега е „гужва пред гол“. Граѓаните се обидуваат да подигнат важни документи, најтешко им е на оние кои за умреници требаше да чекаат повеќе од две недели. Со денови, родители на новороденчиња се обидуваа да земат изводи на родени, или млади брачни парови да ги регулираат документите.

После околу две недели конечно се отвори управата за водење матични книги. Оваа институција не работеше поради немање струја во просториите. Денеска ситуацијата е ваква, нетрпеливи граѓани чекаат да ги подигнат своите документи.

Скопјани но и од другите општини кои изминативе недели поднеле барања за одредени документи, со часови чекаа да ги подигнат. Други пак се жалат ги шетале од шалтер на шалтер, за на крај, да си одат пак без документи.

Инаку пожарот во инспекторатот пред две недели избувна заради инсталационен проблем, утврдија тогаш надлежните. Но никогаш не разбравме кои документи изгореа, што беше и доволна причина јавноста да се посомнева дека е обид за уништување на одредена документација.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста