Гордна Силјановска Давкова официјално кандидат за претседател: Ветува дека ќе биде претседателка која ќе биде со народот
Ќе бидам претседател на и од народот, меѓу своите граѓани, порача Гордана Силјановска Давкова, која со 444 делегатски гласа официјално стана кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Универзитетската професорка по уставно право порача дека ќе ги почитува Уставот, законите и нема дозволи понижување на обичните луѓе, чии потреби ќе и бидат на прво место.
-Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите, ве уверувам дека нема да ве засрамам, ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам. Видовме до каде не доведоа поделбите, ја доведоа оваа држава да личи на гладијаторска арена, изјави Силјановска Давкова.
Уверен голема изборна победа на осми мај и на претседаетлските и на парламентарните избори е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Порача дека од осми мај кога СДСМ и ДУИ ќе заминеле во опозиција ќе започнела целосна промена на Македонија.
-Ова се избори за Македонија со немање граѓани од прв и втор ред. Доаѓа време на промени, почнуваме денес и завршуваме на осми мај за комплетна промена која мора да знае секој еден во оваа сала дека носи и комплетна одговорност, изјави Мицкоски.
Евроинтеграциите ќе бидат меѓу главните цели на Силјановска Давкова. Но, вели за тоа се потребни големи и темелни реформи, а не само празни зборови кој колку бил проевропски.
–Да ги почитуваме различностите, но да не забораваме дека Европската Унија е единство на различности и ние имаме што да внесеме во Европската Унија, изјави Силјановска Давкова.
Евроинтеграциите ќе бидат меѓу главните цели и на ВМРО-ДПМНЕ доколку ја преземат централната власт, порача Мицкоски и најави одговорност за криминалите сторени од оваа власт.
-На дневна основа повторуваат Европа, Европа, Европа. Додека тие зборат за Европа, патем ја купуваат и Соравија, додека зборуваат за европските фронтови, зад завесата одбираат подизведувачи во проектот за Коридорите 8 и 10Д. Додека се расфрлаат со бројки за европски плати, крадат од РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, изјави Мицкоски.
Покрај Силјановска Давкова, официјално во трката за Вила Водно веќе се Бујар Османи, Арбен Таравари, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска, кои успеаја да соберат 10.000 граѓански потписи. Во текот на утрешниот ден и СДСМ ќе го промовира Стево Пендаровски за кандидат за претседател.
Матеја Петровски