ГОРАН ПАНДЕВ СО ДВА ГОЛА ПРОТИВ БЕНЕВЕНТО ДОЈДЕ ДО БРОЈКАТА ОД 100 ПОГОДОЦИ ВО КАЛЧОТО
Горан Пандев даде два гола во ремито на Џенова со Беневенто од 2-2 по што екипата од Луиџи Ферарис е пет бода подалеку од опасната зона во Калчото и и близу до обезбедување опстанок. Капитенот на нашата најдобра фудбалска репрезентација во 24-тиот меч сезонава во интервал од десет минути во првото полувреме дојде до 5-тиот и 6-тиот погодок и до вкупно 100 во една од најдобрите лиги на светот, во Серија А во која Струмичанецот е цели две децении. Гранде Пандев со тоа стана еден од вкупно 86-те фудбалери кои во 92 годишната историја на Калчото кои успеале да запишат во графата 100 плус. Пандев сега е во друштво на легендарни фудбалски имиња од типот на Меаца, Тоти, Баџо, Дел Пјеро, Батистута, Ибрахимовиќ, Манчини, Виери, Алтобели, Шевченко и така натаму.