Годишно обраќање на Пендаровски: Нашиот европски пат беше неправодено блокиран, да работиме на реформите за подобар живот на граѓаните

Македонија не треба да брза во преговорите со Бугарија во обид да се најде излез за деблокирање на европските интергации на земјата. Ваква порака упати претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред членовите на Владата и пред пратениците во Собранието. Наместо тоа, нагласи Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани. „Од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник“, рече Пендаровски.

„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски смирува дека нема опасност од безбедносна дестабилизација на земјата ако продолжи блокадата на македонските евроинтеграции. Тој вели оти таквите предвидувања, кои не се втемелени во реалноста, непотребно ги вознемируваат граѓаните.

„Нашите граѓани можат да бидат спокојни, и да потрае блокадата нема никаква безбедносна закана. Можно е нешто друго, демократско назадување и облици на авторитарно владеење на поединец или партија, но одговорноста за тоа нема да лежи кај граѓаните туку кај нас политичарите“, рече Пендаровски.

Во однос на новата македонска Влада, која допрва ќе треба да се формира, претседателот вели оти премиерот и новите министри треба час поскоро да се фокусираат на реалните проблеми на граѓаните, почнувајќи од пандемијата и економијата, па се до енергетската криза за која вели оти допрва ќе се продлабочува.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста