Години наназад ниту еден обвинител не открил криминал во ревизорските извештаи
Ниту истрага, ниту обвинение, ништо досега не произлегло од ревизорските извештаи што со години наназад по службена долност им се доставуваат на обвинителите. Извештаите на ревизорите се користат како доказ, само откако ќе пукне афера, па обвинителот ќе ја побара ревизијата за конкретен случај. Ниту еден обвинител не открил криминал читајќи ревизорски извештај.
Години наназад ревизорите упатуваат на злоупотреби на државни пари во различни области, а Обвинителството со години спие.
Оттаму пак уверуваат дека постапуваат, но за кој скандал и за колку украдени пари не се знае.
Немаат статистика колку истраги се отворени врз основа на годишните ревизорски извештаи, но тврдат дека постојат предмети и обвиненија каде извештаите на ревизорите се важен доказ.
Јавните обвинителства постапуваат по сите поднесени ревизорски извештаи, а по потреба одредени извештаи од извршена ревизија се прибавуваат и дополнително. Сите предмети се во различна фаза од постапката – предистрага, истрага и поднесени обвиненија. Извештаите од извршената ревизија се важен доказ во соодветните постапки, велат од Јавното обвнителство.
Медиумите веќе пишуваа дека од 40 предмети на обвинителството поврзани со ревизорски извештаи, „Онкологија“ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи нема основ за кривично гонење, а во повеќeто се уште траат проверките. Дури и за случајот Онкологија, прво пукна медиумската афера, па Обвинителството отвори предистрага и го побара реворскиот извештај за клиниката.
За претпријатијата „Железници и „Македонија пат“, одамна се пишува дека се мета на проверка од скопските обвинители, но и за нив се уште нема ништо.
Можеби се тромави за ревизијата на државните институции и гонењето за крадење државни пари, но нивните колеги се агилни за нови работни места.
Членови на Судскиот и Обвинителсскиот совет станаа членови и на Управниот одбор во Академијатаз за судии и обвинители. На едно место ги избираат и разрешуваат судии и обвинители, а на другото место ќе бираат кандидати. Иако ова е судир на интереси според невладините, критиките како да не допираат до новоизбраните во Академија.
Владата повторно порача дека инстистира на реформа во правосудството и целосна департизација на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.