Годинава власта не заминува на колективен одмор – премиерот и министрите ќе користат само по некој слободен ден

Годинава власта не заминува на колективен одмор – премиерот и министрите ќе користат само по некој слободен ден

Нема колективен одмор ниту за Владата ниту за Собранието. Министрите, пратениците, голем дел од избраните и именувани функционери или воопшто нема да одат на одмор, или ќе искористат само по неколку дена. По промената на власта во мај годинава, и најавите на новото раководство дека нема грејс период ниту меден месец за да почнат со остварување на ветувањата, набиена агендата на владејачкото мнозинство и кабинетот на Христијан Мицкоски.

Алфа искомуницира со голем дел од министрите, каде, со кого, кога и колку дена ќе искористат од летниот одмор. Дестинацијата генерално е во соседството, или во Турција, но деновите за одмор се бројат на една рака.

Премиерот имал само три дена да се одмори. Тој ќе отпатува за Црна Гора и таму ќе остане три дена – кратко ќе се приклучи на одморот на неговото семејство, односно сопругата и двете деца.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во краток разговор вели дека поради набиената агенда, ќе се обиде да отиде во Турција, барем на неколку дена, додека пак министерот за надворешни работи и трговија, веќе го искористил својот одмор.

Министерката за енергетика поради обврските тука но и поради службени патувања, не е сигурна дали ќе има време да оди на одмор, но како што вели, се надева дека ќе најде време барем три дена да се одмори на некоја летна дестинација, доколку излезе туристички аранжман во „последен момент“.

Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска ова лето одморот ќе го искористи во втората половина од август, а министерот за дигитална трансофмација планира овој викенд да го помине во соседството, најверојатно во Црна Гора.

Има и такви кои краткиот одмор ќе го искористат овде, во Македонија. Вицепремиерот и министер за етнички заедници Иван Стоилковиќ се сели од град во село, а министерот за транспорт Александар Николоски во слободните викенди ќе оди во неговиот роден крај, Охрид.

Вицепремиерот и министер за екологија Изет Меџити веќе користи неколку дена одмор во Грција, а министерот за здравство Арбен Таравари, според нашите информации oд одморот кај нашиот јужен сосед се враќа за два дена.

Кај останатите министри од коалицијата „Вреди“, омилени дестинации се Албанија и Турција, каде доколку најдат време ќе отидат на неколку дена.

И не е така само во Владата. Оваа година, не се случи она традиционално августовско распуштање на Собранието, кога сите народни избраници одат на колективен одмор. Поради обврските во Законодавниот дом, и претстојната седница за ребалансот на Буџетот, пратениците ќе имаат само една недела одмор, во текот на овој месец. Потоа, се враќаат на обврските во Парламентот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста