Годинашната откупна линија на тутунот, најкатастрофална досега ?!

     Ќе се потврдат ли стравувањата на македонските тутунари дека годинашниот откуп на тутунот, ќе биде еден од најкатастрофалните досега?!  На само еден месец пред истекот на законскиот рок за откуп и по мноштвото протести, преговори, ветувања, единствено што добија незадоволните тутунари е откуп на вишокот произведен тутун, што пак, според познавачите на состојбите, тоа било само продолжено купување на време, за на крајот, заради актуелниот Закон за слободен увоз на тутун, родот да им биде откупен и буквално, за џабе.

   „Мислам дека тутунарите на лице место можеа да пријават кај откупувачите, кај ценачите колку имаат вишок на килограми и сето тоа да се среди. Ова со пријавување, со одложување, ќе се одолжи и веројатно ќе се прибегне кон уцена каде што тутунарите ќе мораат по многу понеповолни услови да го дадат тутунот“, ни изјави за Алфа, Васко Јосифовски.

   Јосифовски и понатаму стои на ставот дека во годинашниот откуп на тутунот, а кој според него е најкатастрофалниот откуп досега, политиката длабоко вмешала прсти, што резултирало со разединување на тутунарите и понижувачко обезвреднување на нивната целогодишна мака.

   „Тутунарите, факт е, дека секогаш се жртви на политиката. Уште во првиот момент кога откупувачите и власите видоа дека тутунарите се организираат и дека може да се случи некаков сериозен притисок врз откупувачите, тие побрзаа веднаш да инсталираат свои луѓе во организацијата кои што имаа должност да го амортизираат гневот на тутунарите…и тоа и се постигна…“, – посочи Јосифовски.

   „Ако останат овие услови кои што владеат сега, со овој Закон за тутун, веројатно тутунопроизводството ќе се намали барем за 30 проценти“, категоричен е Јосифовски, објаснувајќи дека измената на постоечкиот Закон за тутун била насушно потребна, бидејќи тој бил скроен по мерка на властите, но погубен за макадонските тутунопроизводители.

 Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста