Година и пол по пандемијата, власта се уште нема детална анализа за високата смртност

Власта допрва ќе анализира која е причината за големиот број починати пациенти заразени со Ковид 19. Министерот за здравство Венко Филипче вели оти ваков генерален скрининг ќе им одземел доста време бидејќи ќе се анализирале повеќе параметри – општата здравствена состојба на пациентите, колку често тие се јавувале на преглед, но не прецизираше дали ќе се анализира и текот на лекувањето во болнички услови.

„Здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хронични болести, начинот на лекување, редовноста во земањето на терапија, пристапот кон терапија, колку често се јавуваат на контролни прегледи. Тоа е навистина една многу детална, многу важна анализа која сметам дека треба да ја направат многу земји“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Лекарите пак се погласно алармираат оти власта до сега требаше да објави детална анализа зошто државата се најде на врвот во Европа по смртност. Онкологот Милан Ристески тврди оти не е тајна дека пациентите мака мачат да стигнат до болнички кревет. Вели процедурите биле комплицирани, а за да се смести еден ковид пациент во болница, потребно е организацијата да оди преку матичен лекар, до Брза помош, па да се добие потврда од клиниката каде се упатува пациентот, што според него е непотребно губење на драгоцено време.

„Во Европа сме први по смртност, срамота е тоа и така да нема целосна анализа.. ајде да видиме каде е, дали во тријажата, дали прогностичките параметри кој пациент како ќе се развива не ги работиме како што треба, па натаму самиот кадар, кој, каде и колку е оспособен да го работи тоа, едуциран, на пример на сајтот на Лекарската комора имаше неколку обуки, ама што виделе од сето тоа, дали некој ги проверил? Дали сестрава што работи прва смена и сестрава што работи втора смена користат ист протокот за Oxygen flow rate?“, вели доктор Милан Ристески од „One Hospital“.

Во меѓувреме, бројот на заразени не спласнува – билтенот на Министерството за здравство декојдневно бележо околу 500 нови случаи и 20-тина починати како последица од вирусот.

Министерот Филипче потврди дека трансмисија на вирусот веќе има и во училиштата, па најави дека наскоро учениците ќе се тестираат со брзи тестови, нешто за што надлежните до вчера тврдеа дека не било потребно.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста