ГОБ „8 Септември“ на „колена“- капацитетите речиси полни, 15 вработени позитивни на Ковид -19

Отежнати услови за работа во Ковид центарот на ГОБ „8 Септември“. По новиот наплив на пациенти, сега и 15 медицински работници се позитивни на вирусот, па наместо на работа, мора да останат дома. Меѓу нив, двајца доктори, анестезиолог и интернист. Медицинскиот персонал за Алфа алармира оти условите за работа се отежнати, персоналот е намален, а капацитетите на болницата речиси исполнети. Само во последното деноноќие примени биле 13 нови пациенти.

„Инфицирани ни се 15 вработени од кои двајца се доктори, а останатите среден медицински персонал. Сите биле адекватно заштитени со соодветна заштита па сметаме дека изворот е од надворешна средина. Здравствениот персонал работи со максимална ангажираност, но се чувствува веќе исцрпеност, работи во тешки услови, под стрес“, вели докрот Маја Василева Дугановска, специјалист по инфективни болести.

Во ковид центарот последните десетина дена доаѓале најтешките случаи од цела држава, а дел од нив буквално се бореле за воздух. Докторите апелираат, граѓаните да не се лекуваат дома и да не чекаат симптомите да се влошат пред да побараат лекарска помош.

„Доаѓаат многу доцна со откажување на функцијата на белите дробови, неправилно дишење, помодрување на усните и на рацете, со ниско кислородно заситување и веднаш по приемот мора да бидат ставени на машина. Сакам да апелирам до сите граѓани, да ги почитуваат мерките кои се пропишани, носење маски, миење раце, одржување на физичка дистанца и неопходно да бараат лекарска помош на време“, вели Дугановска.

Во „8 Септември“ во моментов се лекуваат 55 пациенти. 15 од нив со тешка клиничка слика – 10 биле поставени на респираторна машина, а петмина дишат со помош на кислород.

Оваа болница беше и единствената во која двајца пациенти беа тргнати од респиратор. Доктор Дугановска вели тие се веќе дома и се чувствуваат добро. Најтешките случаи во болницата се лекуваат и со алтернативната озонска терапија, која според докторите дала добри резултати.

Биљана Божиновска

Поврзани вести